УНЕР

                              ЕДНОЧИНКА

 

ЛИЦА:

 

ЧАШИТ: Коле

ЛЕУН: Петко

НЕУНКО: Трене

КУШАЧКА: Мандилица

ГЛЕДАЧКА: Пуројца

МОМА И МОМЧЕ: Ѓурѓа и Јонче

МАЖ И ЖЕНА: Тале (Тало) и Талија (Наталија)

Дејството се случува секој час околу нас, но поизразито на панаѓур или на пазар.

 

 

 

 

 

 

НА ПАНАЃУР

 

ЛЕУНОТ: Сите ли сме тука, Чашит Коле?

ЧАШИТОТ: Сите на рапорт Леун Петко.

ЛЕУНОТ: Кој е „нетука“ тогаш, Чашит Коле?

ЧАШИТОТ: Унерот, фанерот, (се смее под мустаќ) кој ќе е „нетука“?

ЛЕУНОТ: Ама ти, мајтап си играш со мене, ко со постар човек?

ЧАШИТОТ: Каков ти мајтап, што си се зајанѕил од прво на Панаѓурица, да ми го расипиш ќефов, Чашит Коле?

ЛЕУНОТ: Што ти е тогаш таа „унерија“ – „фанерија“ на врвот од јазикот да бере прашина на Панаѓуров во Света Тетка Златна без влакно на тој многу што ти зборува и на таа што ти зинала олкава нà (покажува со раката колкава) ко Горна Порта? (Од кротко во посилно свират пејат чалгаџии: „Фанче ојде во Калишча – во Калишча на панаѓур“.)

ЧАШИТОТ: У мене се очите, Леун Петко, ко у тебе „На нероден Петко - шапка“ (му купиле), најпрви; а не јазикот ко у Нунконо Тренета; ушите ко у тебе Леун Петко.

Пријдува Нункото Трене.

ЛЕУНОТ: Значи, по твоето излегува, Чашит Коле, Нункото Трене е ќор; Јас сум глув; а Ти нем?... (Се смее.)

НУНКОТО: Што се кикотите вие двајца Чашитлами?

ЧАШИТОТ: Еве, береме туѓи гајлиња по Панаѓуров, Мешкал Трене.

НУНКОТО: Јас не сум Мешкал Трене (се пушта да го фати за гуша Чашитот), сум ти рекол и, другпат така да не ми викаш, така да не ме викаш, Чашит Коле.

ЛЕУНОТ: Унеријо, фанеријо... (Се смее и ги разделува да не се грабнат гуша за гуша.)

ЧАШИТОТ: Како да те викам. Како да ти ви-к-а-а-а-ам, ам-ам, аман. (Приправа нешто со зината уста Чашитот.)

НУНКОТО: Јас си имам име и, нејќам да ме прекаруваш така...

ЧАШИТОТ: И, јас си имам име, зошто ме прекаруваш?...

НУНКОТО: Зашто за шијата та трипати од земја, за чисто брашно.

ЧАШИТОТ: Подмесено тесто...

НЕКОЈ ВИКА: У, ду, ду, ду, ду...

ЛЕУНОТ: Пак ли ќе се грабнете?

НУНКОТО: Пак.

ЛЕУНОТ: И, пак и паки, господу помолимсја...

ЧАШИТОТ: Господи помилуј!...

НУНКОТО: Амин.

ЛЕУНОТ: Големо амин.

ЧАШИТОТ: А, а, а...

ЛЕУНОТ: Не чини!

НУНКОТО: А, а, мин. (Сам)

ЛЕУНОТ: Остав!

ДВАЈЦАТА: А, а, а; а, а...

НУНКОТО: Бриши... Широко, амин, пиши...

ТРОЈЦАТА: А, а, а; а, а, а; а, а, мин.

ЛЕУНОТ: Во ред.

ЧАШИТОТ: Ко во Виена.

НУНКОТО: Ко во Света Тетка Златна.

ЧАШИТОТ: Златен та не платен.

ЛЕУНОТ: Пак ко децана...

НУНКОТО: Личен та небричен.

Се збираат Момата и Момчето, Ѓурѓа и Јонче.

МОМЧЕТО: Јас ли личен та небричен?

ЃУРЃА: Ти ам’ јас.

НУНКОТО: Мувата на капата.

ЧАШИТОТ: Што е, што е... Има ли тука леб за мене?... (Штути.)

ЛЕУНОТ: Има трици варени та печени...

НУНКОТО: Тарапанци голи...

МОМЧЕТО: Ама, кој си ти Мешкал?

ЧАШИТОТ: Ама му го погоди, на здравје нека му е...

Се спушта од на куп збрани Нункото првин да го удри Момчето, а потем и Чашитот.

ЛЕУНОТ: Ај, пак, беља, работа. (Се обидува да разделува и да брани.)

НУНКОТО: Ќе ми платиш ти мене. (Му се заканува на Чашитот.)

ЧАШИТОТ: Јас тебе ал’ ти мене?

НУНКОТО: Двајцата. (Се присетува.)

МОМЧЕТО: Ко не сега...

ЧАШИТОТ: Да ми шепниш...

НУНКОТО: Шеп, шеп... (јавно); лајно в џеб (тајно).

МОМЧЕТО: Под Мара...

ЃУРЃА: Која ти е таа Мара?... (Го трга за пола на палтото.)

МОМЧЕТО: Љубов стара... (Го трга за ракав.)

ЃУРЃА: Ти ништо не си ми кажал... Јонче, е, е, е...

МОМЧЕТО: Што да ти кажам? Не има тука што да се каже, ал’ да се лаже... што да се лаже–ме...

ЃУРЃА: А, така, значи ти... (Прсна Момето да бега.)

МОМЧЕТО: Ма, не, Ѓур–ѓо–ле, тоа така само се вели, не биди будала, под Мара, будалче... (Трча по неа.)

Се враќа Леунот, кој отиде по коњот да го види врзан.

ЛЕУНОТ: Под Мара кој шара?...

НУНКОТО: Под Мара никој ништо не бара, Петко.

ЛЕУНОТ: Како не џбарал, џбара, сега јас тука чув со моиве уши, не прави ме веќе толку глув ко преѓеска Чашитон што ме направи, над Мара...

ЧАШИТОТ: Под Мара, се вели, љубов стара, пукнато перде.

ЛЕУНОТ: Ех, ај сега, ќе ме правите покрај глув уште и будала згора, та ти Трене, та ти Коле.

ЧАШИТОТ: Ма не, Петко, кој те прави тебе шерет будала, кој има за цел тебе да те прави лош умен, итар будала, Коле да не се викам на име, тука беа едни млади, свети Никола ме заклал ако лажам...

ЛЕУНОТ: Попот коли уши ако мрсиш во петок, ако си Мрсипеток, на денот на Света Петка Златна, а Аранѓел им ги зема душите на луѓето, а не Свети Никола ти ко што велиш те заклал да те заколе, врти кола Никола, што го вртиш чадарот од каде што дува ветрот... Кој го расипа времето? ... Вртелешко... Вртимушко... Вртиопашко...

ЧАШИТОТ: Да, ама, и секој петок не е Света Петка Златна, а овдека веков кале-портале си ја направија светон ката недела, Света Недела... Ај барем таа и онака си е празничен ден, ден за одмор, ден за оддих, за починок кога: Бог повела да почива(м), да поспива(м) Лаѓару. Понеделник – поседелник; вторник – позборник; среда – непреда; четврток – неврток; петок – Света Петка; сабота – на бана; недела – на свадба... Кога ќе работа(м) јас мaжу – ко таа што рекла натемаа, натемате, натема...

ЛЕУНОТ: Што тие едни млади, ги видов ко забегани, ко забркани под Мара, над Мара... Го расипаа времето?...

НУНКОТО: Е, па тие, де, го отворија тој муабет, за мажот и за жената... За здравје мое и твое, Калешко. Ко на давија дојдени Нунко да ги мири ко у мировен судија за в мирба и за в помирба.

Идат Мажот и Жената, Тало и Талија, ко на сергија да купат нешто у овие тројца ортаци на панаѓурска стока дојдени на панаѓур во Света Петка Златна. Кога камбани бијат големи и мали, Тапани бувтаат, писки извишуваат в небо, гарнети извиваат в шир, гајди развиваат манастирско оро в манастирски двор.

МАЖОТ: Што за мене, кој за мене, и, за жена ми моја?... Не стрижена – бричена, сме велеле; биле... сме се јанѕеле, инаетеле...

ЧАШИТОТ: Унерио, фанерио ти е џганов, од насамо, веднаш вака ти... Не лути се човече – му велам на еден – купи си; најубаво ќе ти е за игра... Тој ми се налути, ко ти сега, Петко, не знам што ти текна заради под Мара – љубов стара, да побегниш отсабајле во зорите што ја бувтаат по цел ден тапаниве, извиваат пискине, шират гарнетине во оро манастирско, калуѓер гледа низ прозорца и, во песна да е жив Лозјарот Свети Трифун Златен, та недоплатен ни со лозја, ни со грозја; ни со вино, ни со ракија; ни со бочви, ни со бурила, демирџани и билнаци; пари и вошки, со ништо живо тој бочвар, тој бечвар не се докупува и не се доплаќа.

НУНКОТО: Никој за тебе и, за жена ти, пријателе, така ти се чу(ло).

ЧАШИТОТ: А, бре, Мешкал, алтиос е ваков, нарнор, живо на мртво... Не пули му кусури... Секој ќе си рече како ќе му текне...

ЖЕНАТА: Каде се чуло, видело, ко мома војвода да стане, маж и жена, рак и жаба, една душа и едно тело, Адам и Ева, ти со мустаќите и со брадата, ти ја бричам брадата, да ги правиш два душмана на една перница, Талка и Таливче.

ЧАШИТОТ: Кој ви рекол вас, пријатели и драги, муштерии мили, кои сте и што сте вие; и што имам јас тука да ви се мешам во ваши меѓусемејни односи, семејни работи си се тоа ваши, тајни скришни работи, грешка имате Вие, муштерике, потрошувачке, кога велите јас сум рекол нешто за Вас и за маж Ви... Не сум ве видел меѓу себе, ни сум ви светел, ни сум ве чул... Ни око сум ви видел некогаш, ни муцка ни мутра ни поглед... ни опул... освен сега ова овде... Ни глас сум ви чул, ни маст ни сирење сум имал со вас за давање и за земање, измена на подароци и на пешкежи, платно даровно. Крени, крени моме, Стојне да бегаме, наше село арно село, од две ст’рни сонце грее, од три ст’рни месечина... Милкано, мори моме, убаво...

ЖЕНАТА: А, бре, мажу, а бре Лило, Богдо, а бре аланкулди го пулиш овега, не го слушаш што ми зборува; уште да е кабил љубов да ми изјави – слатка љубов и, пекмезно сакање завиено во обланди и, ти ќе си молчиш и ќе си ќутиш. Ќе речеш само, ко што имаш обичај да велиш: „Не е моја работа!“ А, чија работа е тогаш, те прашам јас тебе, сладок мажу мој; „Жено женоле, желки да ми пасиш, пукнал за вода – мода ќе ми тераш со крем, пудра и ливанто мачкана“ Тале мој, Тало Талче од жена ти Талија, Наталија вака обвиена во торта модерно, а не во баклава старомодно, ама го пулам од преѓеска овега дури правеше муабет ти со оној другион (покажува со прстот на Нункото) кај ме фати мене, ме стражи со погледон ту под око, ту над око во засеков ко под Мара да сака, унерио, фанерио вика ко под команда нешто, ко без команда, чунким јас сум некоја знаеш зашто бела, црвена, розова, таква ми е тлаката, комендија... Ние со тебе сме дошле да раситниме за кај Кушачкана Мандилица, ене ги онде (покажува со прстот), спроти Гледачкана Пуројца, за да ‚ платиме, тој мене со белегзиине и со прстењено, петлиња ќе ми продава, црнило за клепки и за веѓи, црвило и белило за образи над ракава моја негована, чунки јас сум знаеш една од тие... од оние... од надворите... Во Света Тетка Златна...

Се активира положбата на Кушачката и на Гледачката визави. Тука се Момата и Момчето.

ЃУРЃА: Ќе се огледам и у едната и у другата, Јонче.

МОМЧЕТО: Нема да се огледаш, Ѓурѓо.

ЃУРЃА: Ќе си ја видам среќата првин у Пуројца.

МОМЧЕТО: Не смееш да си ја видиш, глупости.

ЃУРЃА: Ти ќе ме заприш, ал’ ти ќе ми платиш. Глупчо. Пули си ја ти твојата стара љубов под Мара, Јонче Боздоганче, мене не пули ме. Ти не ме раниш уште; татко ми ме рани...

МОМЧЕТО: Немој бар со варење на кафе и со гледање на филџан.

ЃУРЃА: Ам’ со ошто тогаш?

МОМЧЕТО: Со тромфи...

Се фрла Кушачката Мандилица.

МАНДИЛИЦА: Елај, ќерко, елај душо, јас што знам жарени јаглења така мајсторски да гасам. Шпил знам уште поубаво да редам, да вртам и да чешлам...

ПУРОЈЦА: Остани си, ќерко у мене; во раце на убава мајсторица за шпил си ти падната, јас што знам на филџан, знам и на тромфи... Таа што гасне јаглења, знае и да куша, али не знае и не умее да гледа и да види среќа у млада дилбер мома и у фиданбојлија филдиш момче... Сè е стишно и сè е мудно ко за на сито копринено, ко за на ѓерѓеф на ситна камва, дробен бисер за на младо лудо бело рудо грло, ко за на калап удирање (клавање). (Ко од топ, пушка) Покусо да е лошото; окус – покус, препарандус. (научила и таа нешто од циркусите) Циркуси сета, шарена марена сергија... Весел панаѓур... Пазар бујат- богат есенски од тишка (пиле) млеко да бараш ќе најдеш и од кобила за да се капиш и да цицаш за подмладување и за зимоиште клавање, туршија: тикви со расолојци, крастајци со лимон... криви и брадајчли...

Зајадени вцрвени се доближуваат Мажот и Жената.

ЖЕНАТА: Тој ја фатил на дело и, ништо не ‚ рекол, ти мене нејќеш Ќелешко ниедна во главата и во суратот честа да ми ја запазиш од пред оној Мангупин, со мустаќи и брада. Тук’ ми велиш ако ми светниш, запалиш една преку сурат, миљон ѕвезди на небо ќе избројам и видам.

МАЖОТ: Мор’ зошто си таква; мор’ не биди таква; мор’, мор’...

ЖЕНАТА: Што е мор’, по море фатил да фатиш, Јоне Јонче Боздоганче, нема ли право една Наталија, Ната да фрли око најсетне на еден ко за унер и за фанер убав со мустаќ и со брада убавец во Света Тетка Златна на Панаѓур ти да ми одговориш мене, те прашам убаво лепо ко Човек Жена јас тебе. (Го праша заканувачки предизвикувачки човекот нејзин. Во расправијата ете ти ги тројцата продавачи.)

ЧАШИТОТ: Згрешив во парите броење.

ЛЕУНОТ: Кај ти беше умот, по кумот?

НУНКОТО: Ах, мајката, нунко сум ал’ не сум на многу венчавања и, на многу крштевања овие овде (покажува на Мажот и на Жената) да ми изнудат таков голем кусур.

МАНДИЛИЦА: Кусур и бакма, ќе ми ги растурите муштериите.

МОМЧЕТО: Ај да бегаме, Ѓурѓоле, наше село надалеку дури не се стемнило... дури не нè стемнило... не нè фатил мрак... ко на растури пазар е сè...

ЛЕУНОТ: Овие ли беа Момчето и Девојчето...

НУНКОТО: Овие, та што... Што ќар, што зијан од тоа... Ни ќар ни зијан... Ќарта – ќар отаде беуде, сламата фајде... Ко ќорќорина е сè, отиде сè попустина... и стока и сермија...

ЃУРЃА: Не сме ние тие...

МАНДИЛИЦА: Тие се, тие, им видов на дланка.

ПУРОЈЦА: Тие се им стои, пише на чело, чинувајќи со тромфиве, чул им кладов... белег... леќе... лузна... чулучка од бинег, шупел бинег за трки, за бег во бркана... понеделник, вторник, долга магарица, Марица, мирна, Стојна, мана, врана...

ЖЕНАТА: А да би на чело на овега со брадава и со мустаќиве му стојала залепена ко на ѕид, тој мене ќе ми ја пцуел ќорината...

НУНКОТО: Ко да е некоја опулена?...

ЖЕНАТА: Фалшливи се париве од кусуров! (Пред тоа ги гледа.)

ЧАШИТОТ: Ни ја разграбија стоката!... (Мешаница – кашаница.)

НУНКОТО: Бргуте, бегајте... Ни кушачки ни бајачки не ќе ни помогнат... ни зурли ни тапани во ова оро вртено, оро панаѓурско, оро манастирско од глава и од опашка од каде што држи Пред та до каде што држи Зад манастирот од Света Тетка Златна за чудо и за приказ за Унер и за Фанер станато фанерио.

Се меша панаѓурска музика со чукање на камбани, се вие „Велгошкото“ и инструментално и вокално рамо за рамо: „Ај да ојме Велгошчи, Велгошчи; да си дојме без гашчи, без гашчи...“

 

КРАЈ

 

Прилог: Во панаѓурскиот фонд музика вткаена во дејството како играорна и ороводна по слободен избор на поставувачот на сцената, задолжително влегува коктелот песни: „За Лешочкиот манастир“, „Македонско девојче“, „Земи моме Македонче“ и „Градел Илија манастир“.

 

1 Драмата е прв пат објавена во списанието „Културен Живот“ во двобројот март-април 1976-та година.

 

gallery/img_2357