ПРОКУДЕНИК

                ДРАМА ВО ТРИ ЧИНА

ЛИЦА:

 

ГРИГОР ПРЛИЧЕВ, поет

МАРИЈА ЃОКОВА, мајка му, туѓонаемничка

ЈОАКИМ САПУНЏИЈА, сонародник, студент на вечерен универзитет

КАЛИОПА, краткотрајна Прличева свршеница, студентка

РАНГАВИС, претседател на конкурсната комисија во Атина на 25 март 1860

ОРФАНИДИС, поет

ВЕРНАРДАКИС, филолог

ЗАЛОКОСТА, грчки поет, офицер, победник на конкурс во 1850

ЕВЗОНОТ АРТИСТ, ТОМАС

УРАНИЈА, дама со лепеза

АНТИГОНА, друшка на Калиопа, студентка

ХОР, ХОРИСТИ; СТУДЕНТИ–НАЦИОНАЛИСТИ, АРТИСТИ; ЈАКИМИСТИ, НАШИНЦИ–ПЕЧАЛБАРИ; ПРИЗРАЦИ, ПРИСТОРИ, ЗЛИ ДУХОВИ; ТОЛПА, ЏГАН, НАРОД; ДИПЛОМАТИЈА, УПРАВА, ВЛАСТ

 

Дејството се случува 1859–1860 во Атина и Охрид.

 

 

 

 

 

 

Прво дејствие

 

Масовен собир пред палатата на Атинскиот универзитет, во антички стил, целата во бел мермер. Објавување на резултатите од анонимниот конкурс за поема на 25 март 1860, на кој учествува и Григор Прличев, за кого сред многубројната публика, како и за безброј други гледачи, нема стол. Времето е топло, но не и неподносливо, Прличев со кусо црно палто, френска мода, со жакет, бела кошула и пеперудена црна вратоврска. Тој е нервозен, ту ја врзува, ту ја отрешува врската, ту ја запетлува, ту ја отпетлува кошулата, се поти и се препотува, морници му минат. Се обидува да биде што поблиску до претседателот на комисијата господин Рангавис, да не испушти некој негов збор, загледан во секое движење на неговите убави, меки бели раце што знае и умее така совледано и така господски по своја слободна волја и нарав да ги движи, претворувајќи се целиот во око и уво. Рангавис е исто така во свечена облека соодветна за вакви прилики, пред скалилата на универзитетската зграда. Зад него, по скалилата се наоѓа хор, пред него амвон (подиум). На великолепно украсена маса, на која еден на друг стојат ракописите на поемите подадени на анонимниот конкурс. Десно од Рангавис е во грчка народна носија убавицата студентка Калиопа, со сребрен служавник и раце, на кој пред чинот на овенчувањето венецот стои, на масата, лево е Евзонот артист од театарот со празните плика од подадените поеми, над кои фигурираат најдобрите стихови од поемите, без пликото на Г.С.П. зашто тој такво немаше. Во плико не ја беше подал поемата, туку просто со Г.С.П. (како што вели тој самиот во својата „Автобиографија“). На чело на публиката фигурираат господин Орфанидис, призван и овенчан поет, и Вернардакис, професор по филологија, обата весели и тврдо уверени дека ќе го добијат венецот или барем паричната награда.

Кога се отвара сцената, по извесно време настанува гробна тишина.

ЕВЗОНОТ АРТИСТ (мавтајќи со пликата и редејќи ги како тромфи): Еден народ свој, еден народ туѓ; едно сфаќање свое, едно сфаќање туѓо; едно место свое, едно место туѓо... И, така се редат: едно време поимливо, едно време непоимливо во поемите, и блиско и туѓо, и познато и непознато, и далечно и недалечно, како да го земеш – се зема, како да го гледаш – се гледа и со око на радост и со око на жалост и со око на мудрост и со око на творбеност... Еден поет свој, еден поет туѓ, натре го нема сред темнините на овие плика, но предвид се зема, а дали треба да се зема?! Кој ќе е тој сокол, кој ќе е тој маж, тој јунак славен што ќе ја разреши оваа делба, оваа чудна меѓу најчудните, дилема?... Тој јастреб под небото вишен стрелнат сред кротки пилиња и предувчиња и голорачиња...

 

ПРВА ПОЈАВА

РАНГАВИС (дотогаш во нараквици): Најсетне не може сè езоповски. Ќе мора да се рече вистината, та ако сака светов нека се пресврти, кој и онака се врти, сонцево нека престане да грее, дупка на небо нека се отвори, чест секому, ама за давање никому. Секој да си го земе своето, својот дел, така би било најправо. И, дури, во својата права големина: износот, квалитетот, цената и оцената. Сите знаеме, само дали сакаме да признаеме, дали е квантитетот и квалитет и, дали во самољубието и во себељубието може и треба да го бараме и да го трагаме заслуженото, здобиеното со пот и со труд вистинољубие. Ќе издржиме ли тука испит не знам, но едно знам, испитот си е испит и тој докрај треба да се издржи и да се положи (ракоплескање).

ХОРОТ: Радоста е поубиствена од жалта.

ОРФАНИДИС (Воздивнувајќи упаѓа наврапито.): Маки наши поетски.

РАНГАВИС: Маки наши, но и среќи ваши. Вие си знаете сами, никој друг не ви знае што си доживувате, на што имате право или криво во вашите тајни соништа. Никој не може да навлезе во вашите лични и приватни преживелици, господин Орфанидис.

ПРЛИЧЕВ (топејќи се во својата прва морница, за себе, недоверно): Изгледа ништо нема за мене...

Пак тишина во публиката.

РАНГАВИС (со нагласена дикција во вид на соопштение): Најпосле, имаме една поема многу помала од другите и со наслов „’О, ’Арматолос“...

ПРЛИЧЕВ (му се испушта гласот): Зарем мој е венецот?

ХОРОТ: Не е поет оној кој пишува од сопствена гордост, туку е поет оној кој пишува за воздигање на народната гордост.

Мала пауза откога настанува вртколење, мало недоразбирање и засрамување на Прличев пред оние околу себе веднејќи ја главата и гледајќи в земја право.

РАНГАВИС (продолжи, на глед со нескриена симпатија): Испитната комисија јавува дека оваа година последнава поема (држејќи ја в раце и насочувајќи го погледот кон нејзе, мавтајќи за поубедително со ракописот и насочувајќи ги погледите на присутните кон трудот на Прличев) ја смета за прва и му го доделува венецот на „’О, ’Арматолос“.

ХОРОТ: Омир вели: „Половина благородства Бог отнима човеку, кој свобода си изгубил, којто станал роб другему“.

ПРЛИЧЕВ (гласно): Токму така е... Правда имало на овој свет, господе...

Се создава џагор, се меша хорот со публиката.

 

ВТОРА ПОЈАВА

Во група остануваат околу амвонот: Рангавис, Орфанидис, Прличев, Вернардакис, Калиопа и други.

Во меѓувреме додека се движат и местат околу велелепно намирената маса носејќи столови секој за себе и суредувајќи ја неа, постепено се апстрахира силуетата на универзитетската зграда од која не остануваат ни контури.

ВЕРНАРДАКИС (педагошки, демагошки): Молчам, молчам, Ве слушам, Ве слушам внимателно, Вас пред сè многууважен и многупочитуван господин Рангавис како ласкаво се изразувате за една поема, за една „туринка мед која чудно мириса на дива туринка мед, на шумска јаготка“ и си велам сам со себе, дали јас имам право господине Рангавис или пак Вие, ако само дивото, суровото, изворското го има во таа поема „’О, ’Арматолос“ на непознатиот господин Г.С.П. кој не Ве удостоил ни со полно име свое и татково и со презиме да Ве понесе на Олимп, или тука нешто друго се крие што не е во ред?

ПРЛИЧЕВ (штркнато, надвишено, воздржувајќи се, гневно, повеќе за себе): Го добив венецот, а изгледа, што дека го добив. Тешко ќе биде, но нема да бидам оној што сум, ако не одам до крај...

РАНГАВИС (смирено): Секој има право на свој вкус, господине Вернардакис. Вие така мислите, јас така.

ОРФАНИДИС (зајадливо): Анонимус.

ПРЛИЧЕВ (Со крајни напори се совледува.): Дојди, дојди, Еремијо, дури од кај мојата Татковина со железно мотело за да им ги измоташ черевата на овие овде високи господа.

ВЕРНАРДАКИС: Не ми одговоривте на прашањето, господин Рангавис.

ПРЛИЧЕВ: Какво прашање од високо учена глава!?

РАНГАВИС: За вкусовите не треба да се расправа, Ви реков господине Вернардакис, тоа Вие поубаво го знаете. Реков од амвонот, чинам, доволно јасно и гласно за да може секој да ме разбере. Немате причина да инсистирате. Делото е јасно како кристал.

ПРЛИЧЕВ: Очигледно тие седеле на ушите, се гледа, зашто ја изгубија битката и останаа поразени на свое поле, на свој терен, останувајќи живи, со мртов порив во себе. Тие епскострујни преѓи на Омир во поемите нивни, веројатно изгубиле вкус од „гороцветна туринка на мед, шумска јаготка миризма“, како што рече јавно господин Рангавис кога ја препорачуваше мојата поема. Како оси се нафрлаат врз мене, лути стршлени, да можат ќе ме изедат, во капка вода би ме удавиле. Само јас не се давам, кажан е зборот за вториот Омир, не само за мене, туку и за убавата и мила моја земја, што ме родила и открмила. Сега уште повеќе се чувствувам приврзан за неа. Таа е далеку, а сепак ми бие во градите...

 

ТРЕТА ПОЈАВА

Мешаница. Рангавис се обидува да се истрга за да си оди. Го запираат Орфанидис и Вернардакис. Дотрчува Евзонот артист на чело на една толпа, која ја подгонува една друга толпа. Одново се активира универзитетската зграда, а по скалилата се распоредуваат луѓе по слободна групација.

ЕВЗОНОТ АРТИСТ (Задишан, покажува со прстот.): Оние го бараат нектароносниот поет, тој Г.С.П.

РАНГАВИС: А ти што им рече?

ЕВЗОНОТ АРТИСТ: Да можеше секоја пчела да носи мед?!

КАЛИОПА (која за сето време стои како скаменета каријатида, со повремени погледи кон младиот нервник, полн со темперамент незнајник, молчалив, тука присутен Григор Прличев, кој исто така кришум ја погледнува нејзе, така што има моменти кога погледите им се сретнуваат): Медоносен поет!

ПРЛИЧЕВ (полугласно, за себе и за Калиопа): Устата ти цутела, убавице моја.

ЕВЗОНОТ АРТИСТ: Како така можеш да мислиш, госпојце Калиопа.

КАЛИОПА: Вие сте светски човек во театарот, господине. Не можете така.

ЕВЗОНОТ АРТИСТ: Како?

КАЛИОПА: Клеветите недолжен поет, кој можеби е меѓу нас.

ЕВЗОНОТ АРТИСТ: Хм, врсен поет... Тука нешто е матно.

КАЛИОПА: Кој знае, господине првенче, можеби е голем. Би сакала да го познавам.

ЕВЗОНОТ АРТИСТ: Вие сте светска дама, а каков вкус покажувате.

КАЛИОПА: Тоа е вкус близок до природата.

ПРЛИЧЕВ: Убавице, те засакав, што си така праведна. Твојата душа ми дава полет да истрајам.

ЕВЗОНОТ АРТИСТ: Да ‚ се вратиме тогаш на мајката природа. Ево.

КАЛИОПА: Срамете се што зборувате, господине, пред лицето на една дама.

ПРЛИЧЕВ (Готов да се тепа да не настигнува другата толпа предводена од негови другари и пријатели.): Зборот коски нема, коски крши. Лошиот збор далеку стасува, добриот уште подалеку.

КАЛИОПА: Зборовите на мојот искусен професор, господин Рангавис, познат авторитет, господине, ќе треба добро да ги запомните. Тие се закон за мене.

ЕВЗОНОТ АРТИСТ: Но не и за мене, госпојце.

КАЛИОПА: Жално, жално за човек со Ваше реноме.

ЕВЗОНОТ АРТИСТ: Но вистинито, госпојце.

КАЛИОПА: Во таков случај, интерпретирајте на сцената безбројни и излитени стихови, господине. Тоа нека Ви е на чест.

ЕВЗОНОТ АРТИСТ: И бескрвни нека се, само да не се по лош вкус избрани, варварски.

КАЛИОПА: Продадена душа сте Вие, полтрон.

ЕВЗОНОТ АРТИСТ: Тоа обратно, би можел јас да го речам за Вас и за господинот Рангавис, госпојце.

КАЛИОПА: Речете што сакате, господине, не ме интересира. Но знајте, секогаш ќе избирате лоши стихови за читање, а јас никогаш како Ваш поранешен почитател нема да Ви дојдам да Ве слушам.

ЕВЗОНОТ АРТИСТ: И Вие сте, како што гледам, госпојце, добро потплатени.

КАЛИОПА: Веројатно од некој сиромашец, што одвај би можел добро да плати, како Вие и Вашите господа Орфанидис и Вернардакис.

ЕВЗОНОТ АРТИСТ: Би Ве наплескал да не сте дама.

 

ЧЕТВРТА ПОЈАВА

Пред универзитетската зграда стигнува другата група на чело со Јаким Сапунџија, најверниот пријател на Григор Прличев очигледно мошне распенавена, распалавена, готова да ’рне на групата на чело со Евзонот артист, иако оваа е далеку поголема. Тука е Калиопа со ловоровиот венец, кого некои од групата на Евзонот артист го дрпаат и фрлаат гранчиња на групата на Јакима Сапунџија во знак на потценување, додека другата истото го чини во знак на префрлување поетска стерилност, импотенција и немоќ што прераснува во ритуал. Рангавис, Орфанидис, Вернардакис и Прличев се повлекуваат под едно сенчесто дрво со клупа водејќи темпераментни разговори, додека Прличев штутејќи како незабележано присуство, призрак, пристор, пратечка сенка, претставува свој свет, свое повремено реагирање, дознавање.

ПРВ ЕВЗОНИСТ (дрпајќи гранче од ловоровиот венец): Еве ви вам простонародни поетски приврзаници лаворова слава, лаворов венец.

КАЛИОПА: Не хулете, не клеветајте мои драги сонародници.

ВТОР ЕВЗОНИСТ: Што, што, што рече ти, убава госпојце?

ТРЕТ ЕВЗОНИСТ: Ова е хула за тебе, госпојце: Клевета, рече, а така ли? Не е клевета, хула е туѓа поетска слика, учена одротко, твојата убавина друг да ја носи како слава по светот. Разбуди се во родот, убавице, и како интелигентка најди си го местото колку порано, посовреме, правото место на грчка интелектуалка меѓу нас, оти инаку ќе те сечеме на парчиња за чудо и приказ како антихероина, антиатинска, антиантичка, антигрчка, лична Гркинке, антихристова (апострофирано) антипатична.

ПРВ ЈАКИМИСТ: Е, не си во право, момче тукашно, од улица собрано. Баш е симпатична момичкава и право збори. (Му фрла в лице лаворово гранче.)

ЕВЗОНОТ АРТИСТ (Скока да се тепа.): Кои сте вие туѓинци, што сметате дека добивате некаква поетска слава.

ЈАКИМ САПУНЏИЈА (Завиткувајќи ги ракавите од кошулата, како што го дал господ убав, рус маж како Кузман Капидан, кликна како Ахил на Хектора, колку глас го држи, да не дојдеше Прличев кој знае што ќе станеше натаму.):

„Даројте на врагот се омразни. Храброста нема

што да ја фалите вие.

Го нејќам јас венецот никаквец што ‚ го спрема,

замисли други што крие.“

ПРЛИЧЕВ (Растерувајќи ги едните и правејќи си пат кон другите, му се фрла в прегратки на Јакима Сапунџија.): О, мојот ми капидан, е, моите ми капидани, што ми сте се расилиле, што ми сте се за мегдан, Кузману јунаку, на мајка си Неда, завет заветиле, зарач зарачале?

ЈАКИМ САПУНЏИЈА (гушкајќи се со Григора): Григоре, бре, ние тебе опкрш те бараме, нигде те нема. Кај го снема, си велиме, човеков, поетов славеник. Што го нема да дојде, кој знае сега што јаде? Можеби пие олимписки божји пијалаци, господски јадења. Кај беше, кај се загуби, како в земја да пропадна, како да те голтна ламја, ажџер ненаситен; збогум сиромаштијо!...

ПРЛИЧЕВ: Драги пријателе, за сè ова се вели: шипинки... Сите се овие, (Покажува со раката на евзонистите.) од ист дол дренки, браќа мои и побратими мои.

ЈАКИМ САПУНЏИЈА: Само ние, сепак денес ја славиме победата!

ПРЛИЧЕВ (Откога ја забележува Калиопа, ‚ подава рака.): Простете, госпојце, не Ве видов, не Ве забележав, можеби да реков и некоја руга, пцост, или да Ве повредив. Кога сум со другариве, со врснициве, ништо обично не гледам, не забележувам.

КАЛИОПА: Штета ако тоа го правите и со понежниот пол и во Вашиот град. (Се смее слатко на глас.)

ПРЛИЧЕВ: Со кого имам чест да се запознаам?

КАЛИОПА: Со Калиопа, атинска студентка по филозофија. А јас?

ПРЛИЧЕВ: Со авторот на поемата „’О, ’Арматолос“ Григор Прличев од град Охрид.

КАЛИОПА (изненадена): Не е возможно... Колку сум среќна.

ПРЛИЧЕВ: Уште од првиот миг на средбата, кога моето дело беше наградено, имав особен восхит, кон Вас, драга госпојце.

ЈАКИМИСТИТЕ (сите во еден глас): Ајдете да го кренеме Григорчета на ура! (Го земаат, го креваат славеникот.)

 

ПЕТТА ПОЈАВА

Втурнати кон сенчестото дрво, стар платан, одново се среќаваат: господата Рангавис, Орфанидис и Вернардакис од една страна, а од друга атински млади националисти на чело со Евзонот артист и трета група со Прличев кренат на раце во придружба на Калиопа, со испердушен венец упорно чуван и почитуван, како и други придојдени претходни од публиката.

ЕВЗОНОТ АРТИСТ: Фатете го, фатете го!...

РАНГАВИС: Кого да го фатиме, Томас?

ЕВЗОНОТ АРТИСТ: Поетот нектароносен, чудоносен, како што го нарековте Вие од амвонот пред носот мој и Ваш, господин Рангавис и пред носот на онаа Ваша госпојца, мадама што знае многу да збори и што уште има надеж да го предаде венецот на лажниот поет без потпис и адреса, без плико и без стихови на пликото, како што си е вообичаениот ред и традиција, по сè изгледа без куќа и без окуќнина, како од село без кучила, така дојден на веков, на светов без оган и без огниште.

РАНГАВИС: Тој е тука, веројатно, седи мирен меѓу нас и никому не му пречи, Томас, за да не мораме да го бркаме ниту да го фаќаме за в кафез и потем да го шетаме по светот, покажувајќи го како некаков феномен изложен на руга и пцости ни крив ни должен, мирен граѓанин кого треба да го спасуваме од твоето еве прерано, а можеби и пребрзано каменување.

ОРФАНИДИС: Доведете го, доведете го тој неранимајко тука ние да му судиме, а не само господин Рангавис. Видовме каков судија бил господинов пред малку кога досуди венец и лента на еден варварин, возвишувајќи и опишувајќи ја некаквата си сомнителна нееленска Река, Галичник, Неда и така натаму (Имињата се изговорени со туѓ произнес.)

До Рангавис доаѓа Калиопа, која му дошепнува кој е во случајов Григор Прличев.

ЕВЗОНОТ АРТИСТ (на атинските студенти националисти): Повредено е нашето честољубие!... Во име на елинската култура...

ЈАКИМ САПУНЏИЈА: А која е таа култура? Оваа ли овде? (Покажува со раката и свива тупаници.)

ЕВЗОНОТ АРТИСТ: Грабнете го барем венецот од рамото на оној студен модел, од плеќите и градите на онаа лажна каријатида, мраморен грчки изрод, одрод... Да не падне во рацете на варвари... невери. (Калиопа успева да му го дофрли венецот во рацете на Прличев.)

ПРЛИЧЕВ: Венецот е добиен! И никој не може да го одземе! (Го клава врз глава на врат.)

ЗАВЕСА

Второ дејствие

 

Еминентен стручен собир од научници, книжевници, уметници, собрани на опсудување на вредностите на „’О, ’Арматолос“ во амфитеатарот во универзитетската зграда внатре. Тоа е нешто налик на суд на креативноста, на честа, на совеста. Само сега во најактивна улога на одбрана е ставен самиот автор на првонаградената и единствено наградената поема со лаворов венец и со парична награда на конкурсот за годината 1860, поетот Григор Прличев од Охрид. Делум во таа улога е ставен и господинот Рангавис, велиме делум, зашто крвта вода не се чини, пусто свое боли, а и поради тоа, што коригира дел од поранешните ставови и категории на мислење, притиснат од ставовите и мислењето на тогашната културна врвушка во Атина. Калиопа придружена од Јаким Сапунџија и од другите другари состуденти на Прличев се на едната страна на аудиториумот на публиката, додека на другата се Евзонот артист, во цивил, со онаа негова изразита мургава крупна глава сред студентите националисти. Сега со собирот раководи како претседател на работното претседателство на судот на креативноста господин Орфанидис, додека десно од него се наоѓа офицерот во грчка офицерска униформа Залокоста кој на 25 март 1850 беше повикан на конкуренција со сите елински поети кога беше признаен за најдаровит од сите, поради што кнезот Отон му го стави венецот на глава. Одлево во работното претседателство е господинот Вернардакис.

 

ПРВА ПОЈАВА

ХОРОТ (во камерен состав): Не е богат оној кој е материјално богат, туку е богат оној кој е духовно богат, морално силен, јак.

ОРФАНИДИС (иронично): Чувме какви пофалби му сплетовте во неделата друга, пред денес две недели, господине Рангавис на дотогаш анонимниот поет Г.С.П. На што го темелите тоа? Останувате ли уште на таквото свое гледиште, или се повлекувате, сака да знае овој собир.

РАНГАВИС (двосмислено): По кој повод, не кажавте, песнопојче, зашто и Вие влеговте во тој состав на тие фалоспеви господине Орфанидис.

ВЕРНАРДАКИС (со недотрајано срце): И, јас, сакате да речете, белки, господине Рангавис. (Публиката се смее.)

РАНГАВИС: Секако и Вие, славољупче, господине Вернардакис.

ОРФАНИДИС (удирајќи на ѕвонче): Што е смешно, дами и господа? Што има тука смешно јас не знам, не гледам. Не можам да го сфатам господин Рангавис, кој уште во првиот збор на препораката на „’О, ’Арматолос“, во која почна да се расфрла непотребно, а и сега се обидува да го чини истото сакајќи со тоа да покаже дека меѓу нас божем се наоѓа нов гениј, напоредно и блиску до бесмртниот син на оваа земја, овенчаниот поет лично од кнезот Отон, господинот Залокоста. (Тој станува, се поклонува како да се препорачува себеси и седнува. Се слуша негодување во публиката.)

УРАНИЈА (дама со лепеза): Штета што не е поугледен овој офицер.

КАЛИОПА: Не е сега таму упатена целта, мадам.

УРАНИЈА: Ами каде дете?

КАЛИОПА: Во друг правец, госпоѓо.

УРАНИЈА: Но каде, каде, чедо, ништо не сфаќам.

КАЛИОПА: И природно.

УРАНИЈА: Што, и природно, сакате да речете, госпојце, немам убави рамена за пред огледало. (Се погледнува себеси, се извиткува.) Или, просто–напросто кој е тој, која сум јас?

КАЛИОПА: Ни тоа, ни тоа.

УРАНИЈА: Туку нешто трето, дрска госпојце. (Станува да си оди, демонстративно напуштајќи ја салата придружена од еден исто така смешен сноб, тип помодар, куќен пријател.)

ВЕРНАРДАКИС (удира во ѕвончето и мрмори): Мир, тишина.

 

ВТОРА ПОЈАВА

ОРФАНИДИС: Но, дами и господа, јас мислам, препорачувајќи ви се од свое име и од името на Одборот, ми укажавте доверба да претседавам со овој еминентен собир, ќе се сложите верувам и изразувам надеж со тоа, што ќе настојувам поконкретно да преминеме на целта, да го претресеме случајот Г.С.П. Што во последно време ја возбуди, и не само возбуди, туку и ја вознемири целокупната наша културна јавност.

ЕДЕН СТУДЕНТ НАЦИОНАЛИСТ: Целокупната грчка јавност, крвно заинтересирана, ја разнервира овој случај, што ќе рече случајот „’О, ’Арматолос“ ставајќи го во центарот на вниманието во секој наш дом.

ВЕРНАРДАКИС (препознавајќи го): Сака да рече младиот патриот, свесниот студент, јас колку и како што го разбрав, јас мислам, јас требаше да речам, поради кое ја користам приликава и велам, ја потресе и ‚ даде на знаење за понатака да мора да мисли, за да не се судира со вакви немили случаи и неприлики, целокупната потресена елинска јавност.

КАЛИОПА: Доста со тоа Ваше, јас, јас...

ЕВЗОНОТ АРТИСТ: Таа студентка циник, таа студентка одрод, треба да биде, домашна змија под пазува, затворена за овие зборови и за оваа обноска кон својот професор.

КАЛИОПА: Мудрецу, Г.С.П. односно Григор С. Прличев, е уметник во правата смисла на зборот, прав уметник; тоа го потврди двонеделната критика и есеистика во печатот наш домороден, ако го следиш и странскиот, објективен. Мојот восхит е упатен кон господинот втор Омир, поетот од Охрид, Григор Прличев, а неговата поема „’О, ’Арматолос“, ако не сте знаеле, знајте сега, ќе ги краси библиотеките и домашни и странски, како што, коментарите на многупочитуваниот професор, единствениот можеби заслужен за сето тоа, ги полни и ќе ги полни, да сме живи и здрави страниците на печатот и на периодиката и наша и странска.

ЕВЗОНОТ АРТИСТ: Тоа ќе го видиме допрва, интелигентко. Сега постој малку, почекај, поброи прсти на рацете, ѕвезди на небото, заби во вилиците.

КАЛИОПА: Криво ти е, господине артисту, што ти ја одбив брачната понуда, ти ги вратив стројниците и сега немаш што друго, пред овој доброќуден (покажува со раката врз публиката претежно од својата страна) свет, кого непотребно го занимаваш со лични судбини. Сакаш да ме компромитираш, но тоа нема да ти успее.

ЕВЗОНОТ АРТИСТ: Ти заслужуваш каменување, тоа е за тебе.

КАЛИОПА: Тоа што го имам и што сум го заслужила, на друг ќе му го дадам, не Вам, господине кловну, не артист, туку навистина кловну.

ЕВЗОНОТ АРТИСТ (се заканува): Да си го вратила зборот назад.

КАЛИОПА: Го реков и пак го велам, ако е потребно и илјада пати ќе го речам и ќе го повторам, на парчиња да ме исечат, цел живот додека постојам ќе го велам и нема да го изменам, без причина да го одречам тоа што го реков.

ЈАКИМ САПУНЏИЈА: Таа е веќе свршеница на Григор Прличев.

Сите се загледуваат еден во друг, изненадени.

ВЕРНАРДАКИС: Една атинска студентка за еден непроверен поет? Жално богами.

КАЛИОПА: И плачно.

ЗАЛОКОСТА: За еден сомнителен поет?

ОРФАНИДИС: Ох, една наша мадмоазел, една атинска мадам за еден варварин?

ЕВЗОНОТ АРТИСТ: Прашање е дали е мадмоазел.

РАНГАВИС: Кој како сака нека рече, (си ја брани упорно својата теза) тој е сепак генијален поет со оригинална поезија. Неговата литература ќе има голема иднина.

Сите скокаат на нозе, како да сакаат да го задават, задушат господин Рангавис, големиот беседник и критичар, историчар и теоретичар на уметноста. Прличев само мижурка и стрела со погледите. Орфанидис чука на ѕвончето, ситуацијата за момент се смирува, стишува.

ОРФАНИДИС: Имам предлог.

ПРВ СТУДЕНТ: Кој?

ВТОР СТУДЕНТ: Каков?

ОРФАНИДИС: Бидејќи делумно го откривме присуството, а ја имаме таа чест, (зајадливо) да го имаме авторот на поемата „’О, ’Арматолос“, господинот Григор Прличев, автентичен поет што се прави и се држи, меѓу нас, (го покажува со раката) да му дадеме шанса да ни каже кој е, што е и од каде иде и го носи „’О, ’Арматолос“ и она небо во него, оној простор под него, она време заедно со него и со оние луѓе чудни, места и месности, измислени имиња и образи нивни.

ЈАКИМ САПУНЏИЈА (грлесто): Согласни, согласни. Зошто не би биле согласни.

КАЛИОПА: Како не би биле согласни.

РАНГАВИС: Го имате и моето согласие, господине Орфанидис.

ЗАЛОКОСТА (тенкогласесто): Само дали ќе го имате неговото согласие?

ЕВЗОНОТ АРТИСТ: Кој го праша него?

ОРФАНИДИС (збунето): Како кој го праша него? Тој е слободен граѓанин, сепак.

ЕВЗОНОТ АРТИСТ: Слободен, ама заробен.

ОРФАНИДИС: Претеруваш господин Томас. Како слободен, ама заробен?

КАЛИОПА: Оставете го тој Јаго, малку е чукнат. Понекогаш не знае што зборува. Кој знае каква улога игра и овде. Отиде мојата доверба спрема него, а и од мнозина овде што присуствуваат.

ЕВЗОНОТ АРТИСТ: Клета душа, проклета, тој што е артист.

ЗАЛОКОСТА: Зошто?

ЕВЗОНОТ АРТИСТ: Па никој не те разбира.

ВЕРНАРДАКИС: А поет да си, мислиш полесно е? Дури тогаш нема кој да те разбере!

ОРФАНИДИС: Има збор господин Прличев, втора година студент по медицина на Атинскиот универзитет. Каква чудна појава: од каде има врска и со музите?

 

 

ТРЕТА ПОЈАВА

Григор Прличев тукушто станува да зборува подбуцнат од Рангавис, зашто занесен во она што се случува, по малку како да е отсутен. Влегува повторно Уранија само сега без лепеза, а со долга чанта и со кокетно широко чадорче за сонце, светлобојни подлактици нараквици без прсти, хирава во обноската.

Прличев сака да зборува, но вниманието е кон Уранија.

ПРВ ЈАКИМИСТ: Која е оваа, ваква што ја дал господ, како од надворите, прости ми господе и не пишувај ми го во грев. Што сака таа овде? Татка си ли го бара овде, наместо да си се гледа во пудриерчето со огледалце.

ВТОР ЈАКИМИСТ: Којзнае на кој од поетиве грчки му го има осебено рогот? Веројатно на Вернардакис.

ПРВ ЈАКИМИСТ: Шик паризиен, во лаѓа француска, како Шантиклер во пристаниште солунско... (Се смеат.)

ВТОР ЈАКИМИСТ: Само нема смисла вака што прави, влегла, излегла. Инаку ако сака дома, очите нека си ги гаври со кого сака и како сака нека ‚ свири грчко мане.

КАЛИОПА: Таа доаѓа да предизвика љубомора кај господинот Томас, бидејќи јавна тајна е, дека тој со неа одржува врски барем досега. Отсега на таму не знам, ќе видиме, ќе се види дали ќе бидеме сведоци на уште еден срам донесен на господин Вернардакис.

ВТОР ЈАКИМИСТ: Ако, нему така и му треба, видовте ли како минатиот пат, а и овој сега, во почетокот упаѓаше и го напаѓаше жестоко Вашиот свршеник, госпојце Калиопа, нашиот сонародник Прличета?

ЕВЗОНОТ АРТИСТ (најсетне, заинтересирано): Пуштете ја, господин Орфанидис, нека си го пули патот.

КАЛИОПА (исто така заинтересирано): Господине Вернардакис, доста мушкање, не ќе Ве чекаме овде Вас? Дајте ‚ што треба. Да го чуеме господин Прличев.

Уранија само се смешка, прави гримаси, можеби и му дошепнала на мажа си така да го забавува собирот.

ПРВ ЈАКИМИСТ:Дајте ‚ го патот.

ВТОР ЈАКИМИСТ: Кажете ‚ го патот.

ТРЕТ ЈАКИМИСТ (нестрпливо): Ете ‚ го излезот.

Најпосле излегува Уранија.

 

ЧЕТВРТА ПОЈАВА

ХОРОТ: Блазе му на тој, кој со труд се издигнува себеси, тешко му на тој кој со дембелство се унижува.

ЕДЕН ОД ПУБЛИКАТА (воздивнувајќи): Кутриот поет.

ВТОР ОД ПУБЛИКАТА: Клетиот поет.

ТРЕТ ОД ПУБЛИКАТА: Неокаениот поет.

ЕДЕН ОД ПУБЛИКАТА: Се скапа од висење на нозе.

ВТОР ОД ПУБЛИКАТА: Се отепа од простум стоење.

ЕДЕН ОД ПУБЛИКАТА: Кај ќе остане душа кога за сето време додека тие си зборат тој само умно, паметно молчи, гледа право во нас и кога некој ќе подвикне клепка со очите.

ВТОР ОД ПУБЛИКАТА: Дајте му потир со вода, речете му нека седне.

ЕДЕН ОД ПУБЛИКАТА: Тој е збунет.

ВТОР ОД ПУБЛИКАТА: Тој е зенесен во својата поезија.

ТРЕТ ОД ПУБЛИКАТА: Тој ја чувствува песната.

КАЛИОПА: Тој ја носи в срце.

РАНГАВИС: И тоа долго, долго носена песна во срце и глава. Затоа е онаква обвиена во лирика. „’О, ’Арматолос“ е чудночувствена балада, со импресивна сликовитост, нежна лиричност, да се стопиш просто во неа читајќи ја, како повторно, на нов начин да го доживуваш нашиот стар Омир.

ПРЛИЧЕВ: Навистина, стихотворението...

ОРФАНИДИС: Господин Рангавис, Вие пак старата песна... Нели рековме...

РАНГАВИС: Рековме, но не е да не рековме, само не може да се истои, да се издржи...

ОРФАНИДИС: Зарем не може да се каже која е таа Рекаа, тој Галичник, таа Недаа. (Несоодветно произнесено.)

РАНГАВИС: Зошто таа иронија, господин Орфанидис, нели и јас тоа го реков, го предочив на денот на откривањето на конкурсот. Предочив и уште некоја друга слабост на поемата.

ОРФАНИДИС: Да го пуштиме авторов на „’О, ’Арматолос“, ако се согласувате, имам налог од државното министерство како овластување, ако се слага и тој како Елин, да го пратиме во Оксфорд или во Берлин, на тие поразвиени универзитети со повисока класа, да се учи на државна сметка.

ПРЛИЧЕВ (избрзува): Нужда велика е да одам дома.

ОРФАНИДИС: Само тоа.

ВЕРНАРДАКИС: Лесно ќе го уредам тоа, само ако се чувствуваш прав Елин, господин Прличев, како што пред малку рече господин Орфанидис, ти си наш втор Омир, чедо.

ПРЛИЧЕВ: Не можам, ве молам разберете ме, голема нужда е да одам дома, природата на одењето е од сосема подруг карактер, емотивна, носталгична.

ОРФАНИДИС: Ќе Ве излекуваме од таа природа.

РАНГАВИС: Тешко се лекува од таа природа.

ЕВЗОНОТ АРТИСТ: Не баш тешко, тој овде има своја свршеница, која, ако е искрено заљубена, ќе го излекува на атински начин.

ЈАКИМ САПУНЏИЈА: Ние имаме уште поубав начин, убав метод охридски, убава природа крај убаво езеро охридско, што ќе го излекува Григорчета и ќе ја привлече Калиопа за да станат обајцата готови за в китени сватови.

ОРФАНИДИС: А, господин Рангавис, како ти се допаѓа сега ова. На што ти мириса?

РАНГАВИС: Ова е веќе нешто подруго, од она што јас го реков досега. Навистина, господин Орфанидис. Ми мириса на одбегнување, на туѓење од нешто, на неприфаќање. Мислев и се надевав дека тоа е некаква младешка гордост. Сепак, чест е за поетот на поемата „’О, ’Арматолос“ докрај да се искачи на Олимп, како што беше случај во 1850 со господинот Залокоста, и мислам дека тој е умен и ќе го прифати ова подавање на рака од наша страна.

ЕВЗОНОТ АРТИСТ: Основно е тоа што тој не се чувствува Елин.

Прличев сака нешто да каже, но одмавнува со рака.

КАЛИОПА: Не е вистина. Впрочем, тој е поет, голем. Не е вожно дали е Елин или не. Тој пишува на грчки.

ЕДЕН СТУДЕНТ НАЦИОНАЛИСТ: Тоа не е мерило.

ВТОР СТУДЕНТ НАЦИОНАЛИСТ: Прашај го што е.

КАЛИОПА: Не му е овдека местото.

ТРЕТ СТУДЕНТ НАЦИОНАЛИСТ: Токму тука му е местото, зошто да не му било тука местото?

Григор Прличев молчи, што уште повеќе ги дразни присутните.

ЕВЗОНОТ АРТИСТ (триумфирајќи што ја заловил Калиопа во слабост): Госпојце Калиопа, не правете си илузии, ќе треба едно да сфатите, дека лисицата е фатена в стапица, додека чувствата си се друга работа...

ЕДЕН СТУДЕНТ НАЦИОНАЛИСТ: Гледај го Г.С.П. како се топи. како селска невеста.

ЕВЗОНОТ АРТИСТ: Така се преправа, не ги знаете вие нив...

ЈАКИМ САПУНЏИЈА: Е, баш не се преправа злоделу: додека не предизвикаш злодело, душата раат не ти чини. Заоти не е, не е Елин, Григор Прличе од Охрид, запомнете добро, ниту сум пак јас Јаким Сапунџија.

ЕВЗОНОТ АРТИСТ: Ви реков ли?

ОРФАНИДИС: Што ќе речете на оваа изјава, господин Рангавис.

РАНГАВИС: Што да речам. Кој можел да се надева на сево ова. На ваков пресврт. Тој како да не ја цени ни честа што му ја направивме. Тука веќе не се прашам јас. Тука се праша веќе господин Прличев, директно.

ОРФАНИДИС: Та тој којзнае дали овој тука е и авторот на поемата?

ЕДЕН СТУДЕНТ НАЦИОНАЛИСТ: Точно, од кај знаеме?

 

ПЕТТА ПОЈАВА

Сцената ретроспективно се пренесува во татковината во Охрид, Охридско и Реканско. Дома, седнат на коленици, потпрен на две долги перници една на друга, со перо и хартија в раце. Мајка му Марија Ѓокова влегува и излегува. Се гледа и одблесок од езерото. Потем и на писалишна маса во станот во Атина, проткаено спрема потребата.

ХОРОТ (слободен простор и отворено):

„На гусла двострука свирејќи, покрај патот седнат,

го пее ова просјак сед;

а јас, пак, прост запишувач, минејќи тука еднаш

го запишав од ред до ред“.

ПРЛИЧЕВ (во разговор со мајка му, дома): „Нано, ќе одам во Атина“.

МАРИЈА ЃОКОВА: „Оди, синко. Каде ти е арно, оди“.

ПРЛИЧЕВ: „Тргнав и през август 1859 пристигнав и се запишав второгодишен студент по медицина, но, се разбира, пишував и стихови. Тогаш ја бев започнал својата поема „’О, ’Арматолос“ („Сердарот“). Знаев дека требаше да ‚ се предаде поемата на испитната комисија најдоцна на 13 февруари, но не знаев дека потписот на сочинителот треба да се наоѓа во затворен плик над кој да фигурира еден од најдобрите стихови од неговото сочинение. И така – она веќе потаму го знаете – ја предадов поемата потпишана просто: Г.С.П.

ХОРОТ: „Таму природата ми се виде чудесно убава. Скромниот, сињ подлеск (менекше), којшто балсам го правеше воздухот со опојната своја миризма, богатите конопишта обработени од неуморни домаќинки, силаната растителност покрај потокот, каде што светкаа безбројни светулки, високите јаболкници наведнати под тежината на неимоверно големи и вкусни јаболка, – ме натераа да стихотворствувам и без да сакам“.

ПРЛИЧЕВ (лично пред училишната зграда Св. Кирил и Методиј во Кошишта со диви маслинки, унапи, во дворот пред ученици и родители):

 

 

„Пискотници се слушаат од Галичник до Река.

Што тешка несреќа ги збра

и мажите, и жените, та гласи тажна ека

и навева сал коб и зла?

 

Дал’ град полињата житородни ги беше фатил?

Ил’ рој од скакулци се вдал?

Дал’ султанот арачлии предвреме беше пратил

да збира арач лут без жал?

 

Ни град полињата житородни ги беше фатил,

ни рој од скакулци се вдал,

ни султанот арачлии предвреме беше пратил

да збира арач лут без жал.

 

Та Кузман, јунак славен, падна убиен од Гега,

тој сердар прочут падна в бој,

и ќе ги гази пљачкашот планините ни сега,

а да ги брани нема кој...

 

Земјоделци, служители на Деметра, баш така

шепотеа за гласот зол;

а жените, штом чуја, писнаа од силна мака

и коса корнеа од бол.

 

А гласот растеше, и голем стана та се дигна

ко Бореј, брзокрил. За час

во сите ближни села толку бргу, ене, стигна

тој несреќен и кобен глас.

 

Вдовиците и бедните, ги гледаш, солзи леат,

и момите – за својата чест.

А земјоделците ко внатрешни од ровја беа

и таа толку жална вест“.

 

Пред храмот на Св. Пантелејмон (Стар Св. Климент) над Плаошник е хорот застанат.

ПРВ ХОРИСТ (напред, тоа е костимирана жена што ја наспомнува мајка му Марија Ѓокова, во бунда што тој ‚ ја купил, всушност охридско џубе црно со богати предови каплама од самур правено кај прикажаните охридски ќурчии): „Да ви кажам и друго: опишаната во „’О, ’Арматолос“ Неда не е друга освен мајка ми, и Нединото сновидение – мајчино ми сновидение. Толку е верно дека мајчината љубов помага и во пишувањата“.2

ПРЛИЧЕВ (пред училишната зграда Св. Кирил и Методиј во Кошишта):

 

„Во пролетна вечер задумано почива една

жена, седејќи на прагот.

Со раце на колена, пушката светната ледна

таа ја милува благо.

 

На средна е доба; и јадра, и сосема здрава,

кршна и херојски силна.

Извајана е амазонската нејзина става:

вистинска личота милна.

 

Годините не ја намалиле нејзината убост;

на лице свежест се гледа,

младешка сочност не ја беше сменила грубост.

Тоа е кутрата Неда,

 

несреќната, достојна мајка на Кузман. Седејќи

в хаос од мислите мачни

во земјата очите беше ги впила, бидејќи

сонила соништа мрачни:

 

Потпорните греди од нивната куќа се ведат,

шумно се рушат во мракот.

 

Сал насреде уште останала самотно греда,

ама што потпира јако.

 

Но и неа бесно огнооки змејови страшни

силно ја тресат од темел

и куќата, најпосле, паѓа, а купишта прашни

станаа гробови неми...

 

Со одвратност од себе сонот го оттурна она,

мислите црни ги гони;

но пак ја обградија мачните слики од сонот

ноќеска што ‚ се сони“.

 

ВТОР ХОРИСТ (Неда во вдовичка реканска носија, пред Св. Софија):

„И мајката истрчува со стапка трепет полна,

се двоуми, но сал за миг...

По плачот општ се сети дека веста беше болна

и танок таа пушти крик,

да, како лавица што дрско ловците ја гонат

и плодот ‚ го крадат прв...

А тогаш, и најтврдиот од очи солзи срона;

го стигна жалта својот врв“.

 

ПРЛИЧЕВ (пред училишната зграда Св. Кирил и Методиј во Кошишта):

 

„– Малодушни земјоделци, истајте се од дворов!

– им викна мајката со гнев.

Јас сакам да го видам. Молкнете, о створој,

гледајте си на својот грев!

 

Доста му се ридањата, пискотите мој ледни

за награда во овој час.

Над вашите невести и ќерки плачете, о бедни,

бидејќи за нив нема спас.

 

Та каква надеж отсега вам ќе ви носат дните?

Го нема, кутри, Кузман ваш

кој како своја зеница ве пазеше вас сите

и крајот свиден роден наш“.

 

ТРЕТ ХОРИСТ (Кузман Капидан пред Самуиловата тврдина со исукана сабја):

 

Тогај му Кузман велеше:

„Волкот ми шета низ гора,

да ми ги јаде овните,

и пак ми овни изеде;

ко ќе му дојдат в устата

тогај ли ќе ги остави,

што било в гратче охридско,

или што било на сарај?

Поарно ги изедува!

Кузману да му излезе

пашата ил’ садриазам,

Кузман ми гајле ич нема,

со ними ми се удира!

Та зошто има две раце?

Главата да си куртули!“

 

ПРЛИЧЕВ (пред училишната зграда Св. Кирил и Методиј во Кошишта):

 

„И везден ти да плачеш, има зошто. Биди силна!

Ти изгуби, о мајко, џин!

Народните ќе пеат колена со уста молна

за делата на твојот син.

 

Да, слугите на Арес ќе го слават, мајко, сето

што тој го сторил в подвиг смел,

и сите певци ќе те слават тебе в шир по светот

со еден занес толку врел.

 

А ако сакаш, почуј, немој солзи да те душат!

Ќе раскажам што знам сè.

Знам, свето е за херојство и подвиг да се слуша

Сè молкна. Сегде тихо е...

 

Пуштајќи го денес изутрина на волја гласот

чета од стомина сврати

во Стан. Но да дадеше бог да не тропнеше часот

смрт што на сите им прати.

 

Зар некаков демон кон пропаста стрмна нè турна...

Браќата мои под ридон

ко рибите ко рибите на суво тогаш, во борбата бурна

да се прпелкаат видов.

 

И мајка над синот, и жена над мажот ќе кука,

ќе го оплакува мрачно...

А ние, од бачило што се најдуваше тука,

грабнавме овнови алчно.

 

Се спиштија други в Стан; и по куќите, вични,

бараа пченични леба.

И грабнаа оттаму десет девојчиња лични:

некој да ни служи требал!

 

Но господ на робјето виде од вишното небо

колкав е нивниот ужас,

и нададе уши стенчевиот глас да го слушне

– плачот на тие што служат.

 

Ко камшик од бога одненадеж Кузман се јави,

намислил ужаси бојни...“

 

ЧЕТВРТИ ХОРИСТ (Марија Ѓокова пред црквата Св. Климент во Охрид во калуѓерска мантија и со запалено маслениче в раце): И јас еве запишав со црно своја судба клета ко ранета птица со скршено крило.

ПРЛИЧЕВ (пред училишната зграда Св. Кирил и Методиј во Кошишта):

 

„Кај Галичник постои ритченце малечко свето,

врби насадено сето.

И шумоли поточе, брзо ко змија, течејќи,

кристални води леејќи.

 

Светлината сончева одвај приѕирнува таму:

В сенчести гранчиња тука

кукајца се вести штом пролетта наближи само,

таговно в пресрет ‚ кука.

 

И изморен патник замислено седнува овде,

потпрен под некоја врба.

Слушајќи го чрчорот птичи што достига довде,

целиот пролетен брбор –

 

да отиде нејќе. Природата шепоти жива:

„Остани, човече, уште!“

... Во ридов е станот на мртвите; пепелта сива

којашто таму се суши

 

не ја гледа Галичник. Творбите мајсторски стари

таква не даваат глетка!

Темјанушка, симбол на тагата, на него цари,

цути в убавина ретка.

 

Под ќилимот послан темјанките сини ги скриле

ладните гробови пусти.

Не ја гладаш земјата од ними, толку што биле

тие израстени густи!

 

Штом миризба слатка оддалеку патникот сети

веднаш нејќејќи се лаже:

Заборава кај тргнал... Таму тој често ќе срети,

споменик кренат за слава.

На плочата јасно се врежани надгробни црти,

поди нив – мртовечка глава.

 

Под крстот на мермер, од страната западна, еден

отвор се наоѓа врежан:

без престан кандилцето блеска со пламенот бледен...

Кузман под плочата лежи.

 

Крај плочава годишно еднаш девојките седат

– во коси со темјанки пресни –

за херојот Кузман медно милозвучно редат

фалбени јуначки песни.

 

На секоја приквечер некаква сенка во расо

в раце маслениче носи.

Нажалена, пази кандилото да не се згаси;

гробот со солзи го роси.

 

Мртовечката глава со темјанки таа ја кити,

плаче над свршеник моме...

Несреќниов створ го познаваат овдека сите:

Марија, беше, на Томе“.

Кај чинарот во Охрид

ХОРОТ:

„И почна од луѓето да се оттуѓува; веднаш

в мисли да потоне знае...

Си шепнеше сама... И сите ја сметаа, бедна,

за поулавена да е“.

 

ЗАВЕСА

Трето дејствие

 

Се случува на Атинскиот плоштад. Околу украсни дрвја, под нив клупи. Се движи секаков народ. Излезен е и Рангавис со госпоѓата, и Вернардакис со својата Уранија за да се покаже пред светот божем ништо не било. Во меѓувреме избил скандал дека ќе се остават тој и таа, само црквата се замешала не давајќи му развод. Тука е и Орфанидис во друштво на Залокоста и со ќерка му на Залокоста, едно девојче од своите тричетиринаесет години со плетенки и со панделки. Ќе намине и по некој конзул, акредитиран странски државјанин, дипломатски претставник во Атина итн. итн. Меѓу шетачите истоштен од болест се наоѓа и Григор Прличев, во придружба на Јаким Сапунџија и во прикрепа дури, зашто Прличев уште по малку накуцнува.

Во еден прикрај интимно седната во разговор на една клупа, е присутна Калиопа, која ја раскинала свршувачката со Прличев, прекинала да оди и на Универзитет. Со неа е мошне разговорлива другака, Антигона, која сè ‚ раскажува: кој мине, што мине на плоштадот, имајќи за секого сковано по една своја приказна. Тука се сноваат и студентите националисти, се корзираат по полштадот интригирајќи при повремената појава со Евзонот артист и со чуварите на редот и мирот. Како што се гледа во меѓувреме многу се изменило. Од време–навреме ќе помине некој поп, некој црковен великодостојник, некој калуѓер, некој бег, или некој војник на отсуство, некој ’рт ловечки, некој загар милен на прошетка со некоја дама или со некој господин. Може, но не мора да свири воена музика, дувачки оркестар шансони за забава, танцова музика или маршеви тогаш на мода по цел свет.

 

ПРВА ПОЈАВА

ЕВЗОНОТ АРТИСТ (со една млада артистка под рака. Како мине, секому се поклонува, јавува и укажува на присутноста на Прличев, особено на заинтересираните за него лица, како шеф на дружината националисти, нивен организатор и популаризатор): Добар ден, добар час (како мине во движењето), среќен да е часот кога Ве сретнав, господин Залокоста... мојата длабока почит господин, м’сие Орфанидис... (со него си го имаат повеќе муабетот, поради кое и е послободен). Господин, м’сие Орфанидис, пардон малку ако сакате.

ОРФАНИДИС: Без пардон. Извинете, господин, господин Залокоста, госпојце Офелија, само за момент.

ЕВЗОНОТ АРТИСТ (сред прошетката): Знаете ли господин, м’сие Орфанидис кој е тука присутен?

ОРФАНИДИС: Кој господин, м’сие Томас?

ЕВЗОНОТ АРТИСТ: Извинете господин, м’сие, без да Ве навредувам, овој Ваш колега, неранимајко.

ОРФАНИДИС: Ништо, ништо, господин, м’сие Томас, само кој мој колега неранимајко, не Ве разбирам.

ЕВЗОНОТ АРТИСТ: Ама оној лажниот венецоносец.

ОРФАНИДИС: На кого мислиш господин м’сие Томас пак не разбирам, не мислиш белки...?

ЕВЗОНОТ АРТИСТ: Боже пази... на оној од Охрид, на него мислам.

ОРФАНИДИС: На Прличев мислиш.

ЕВЗОНОТ АРТИСТ: Како сакаш викај го господин м’сие Орфанидис, сакаш камен, сакаш дрво, само сепак тој за мене е лажен поет и таков си останува до крај.

ОРФАНИДИС: Дали знаеш ти господин, м’сие Томас дека тој твој лажен поет веќе го издаде својот „’О, ’Арматолос“.

ЕВЗОНОТ АРТИСТ (како дамла да го удри): Велиш излезе од печат? Како така? Кој му го дозволи тоа?

ОРФАНИДИС: Долга е таа приказна господин, м’сие Томас. Накратко се сведува на тоа, дека божем уште имало шанси да го погрчиме Прличев, за кое Рангавис ги вложил сите сили и сиот свој авторитет пред министерот лично за да си го оправда леќето самиот тој што си го кладе, споредувајќи го оној натурел со премудриот наш Хомер, од името на испитната комисија при откривањето на конкурсот.

ЕВЗОНОТ АРТИСТ: Како, бре, господин, м’сие Орфанидис сте го дозволиле тоа? Кај сте биле ако сте знаеле што се прави, убаво рече сега ти, еден натурел да ни се натура во нашата светска литературна ризница и филозофија, на нашата античка антика. Токму антика ни е работава, во редот на нашиот бесмртен елински гениј, можело ли, бивало ли, смеело ли тоа да се случи и да се дозволи?

ОРФАНИДИС: Кој знаел, не сум знаел. И јас скоро како тебе пред малку време разбрав. Впрочем, набрзина сето тоа станало, наврапито, преку ноќ како со самовилите.

ЕВЗОНОТ АРТИСТ: Антика станала работава, м’сие Орфанидис. Чудесна, поубава не може ни да се замисли. Сполај му на бога, арен чул ни клале, арно копиле ни поставиле, копилани; арно нè надмудриле тие придојдени варвари сред нашево греческо местожитие.

ОРФАНИДИС: Е, сега тоа се сторило. Што можеме да правиме. Живи в дупка не можеме да влеземе.

ЕВЗОНОТ АРТИСТ: Јас ќе му го сместам, смајсторисам. Ќе ме види тој, ќе ме разбере кој сум и каков сум во гневот. Само нека шета вака, нека излегува со другари по плоштадов со оние мои студенти и оние мои артисти. Каква приредба токму овде на јавно место на сред плоштад во нашава лична , горда и прикажана во цел свет Атина, да се чуди што го снашло! Среќа господин, м’сие Орфанидис благовремено што ми го кажавте сево ова за да не се покрива тој лажен поет со истргнати епитети на Хомера и да не се кити на таков начин со туѓи перја.

 

ВТОРА ПОЈАВА

Усамена на клупата на плоштадот, Калиопа потонала во мисли, додека Антигона мошне вешто ги преде своите приказни. Така тие седат и разговараат, никој нив не ги гледа, не ги задева, не ги посматра. Антигона понекогаш ќе скокне на нозе како попарена, меѓутоа Калиопа ќе ја фати со раката и кротко, спокојно, ќе ја седне.

ХОРОТ: Тешко е на девојка да ‚ излезе име. Поарно едно око да ‚ извадат, отколку едно име... Белки и тоа ќе помине. Секое чудо за три дена. Таков ти е овој век, овој свет, оваа сведбина...

АНТИГОНА: Еве го господин Томас со својата последна Јулија, или само Клеопатра, која ги врзува и обврзува мажите да не ги води во смрт. Игра опасна на живот и смрт. Така ли беше тоа Калиопа? Сигурно оваа млада артистка што го чипчи онака подрака, и што го забрзува во одот, а тој само подзастанува де со еден де со друг, сака да го води в црква на венчило. Ако воопшто се води со сила ’рт на лов?! Еј, што си го мами умот, зашто само овега не можеш да го врзеш за дрво и да го натераш да ти бере ситни маслини. На ѓаволот, овој темјан не му дава да има, на покојникот свеќа не пали, на душа задуша, на најблизок не држи панахида, парастос; та љубов, среќа, врзување во брак, мрак глава ако сакаш да ти смрачи, во болест да те стави, а Калиопа, ти што велиш, што ќе речеш на овој феномен артист во природата, кој игра ролја, глуми и пред себе и пред луѓето така вешто, така искусно правејќи големи спектакли, како да има голема кариера.

КАЛИОПА (одбегнува одговор): М, да... Голем расипанко е...

АНТИГОНА: По него иде господин Орфанидис. Тече народ како река, Калиопе. Сè живо излегло да шета и да прошета по градов, спарно е. Не се седи дома и не се доседува. Заправо топла е пролетва, поради кое е пријатно сепак на сонцево Калиопе, да излезеш еве вака како ние, да популиш, да починиш глетка, уживање, да послушаш музика, липиве да ти шират миризми, флејта со славејче во себе да навлезе во твоето и во моето срце, гулабиве миротворни на плоштадов да ти гуаат, дај го кесето со просо, просено зрно да им фрлиме. (’ го зема од чантичето кесенцето со просо и им фрла растурно, како сеач семе кога сее, на гулабите кои слетуваат околу нив.)

КАЛИОПА: Ти си Антигоне, цел поет. (При изговорот на овој збор таа како да се стреснува.)

АНТИГОНА: Поминала покрај поетите. Јас и поет?!

КАЛИОПА (откако се созема): Зошто, обиди се Гони да го фрлиш тоа што го велиш на хартија.

АНТИГОНА: Ма како, Кали, толку пати сум се обидела тоа да го сторам, не оди, тежи перото. Излегува сосема друго. Друго е кога зборам, многу ми е полесно. Туку да има некој да го бележи тоа можеби би излегло нешто сосема друго. (Се замислува.) А којзнае дали воопшто нешто и од тоа би излегло.

КАЛИОПА (само ‚ се откинува од градите): Навистина, Гони, по сè изгледа тешко е да се биде поет на искрени чувствува...

АНТИГОНА: Еве го оној, ти реков малку преѓеска, господин Орфанидис, мислам. Што дека е форсиран поет, што дека е дворски славен, кога иде како дресиран, сè научено по правила, сè наместено по кодекси, сè вкалапено во канони, како што е целиот тој господин стар ерген, напудрен, ливантосан, намирисан, ништо не мрда на него како нa Луј XIV.

КАЛИОПА: Сепак, ќе се сложиш, Анти, дека и тоа ни треба.

АНТИГОНА: За во теорија на литературата, да; но за сред интимата, не; Хомер е нешто друго драга Кали.

КАЛИОПА: Е, не ќе чекаме катагодина да се раѓа по еден Хомер, драга Гони.

АНТИГОНА: И кога ќе го дочекаме, погани сме, драга Кали.

КАЛИОПА: Уште кога заидовме ваму, те помолив, драга Гони, да не ми наспомнуваш за никакви Хомери и ти ми даде збор дека нема да зборуваш. А сега еве пак го почнуваш истото.

АНТИГОНА: Божем не ти се сака?

КАЛИОПА: Ти реков, драга Гони, да не ми збориш за него, а ти пак она што си го знаеш.

АНТИГОНА: Јас не почнав прва.

КАЛИОПА: Кој почна, почна, да прекратиме.

АНТИГОНА: Истата песна ја предеш.

КАЛИОПА: Самиот разговор го наложи.

АНТИГОНА: Го прочитав неколкупати со внимание.

КАЛИОПА: Што прочита неколкупати со внимание?

АНТИГОНА: Убава работа.

КАЛИОПА: Но што добога?

АНТИГОНА: „’О, ’Арматолос“ од вториот Хомер. Навистина, нешто прекрасно. Таа Неда не ми излегува од главата. А тој Кузман... да го видам сега, без да мислам би се заљубила во тој јунак.

КАЛИОПА: Зошто тоа ми го зборуваш, не биди така злобна.

АНТИГОНА: Ти велам одушевена сум. А ти божем не.

КАЛИОПА: Ме виде каква се сторив и тогаш и оттогаш наваму, драга Гони, и кога добро го знаеш сето тоа како го испроболев, испрепатив, те молам, да преминеме на друга тема и да ја оставиме оваа еднаш засекогаш.

АНТИГОНА: Но, како можеме, драга Калиопе, тоа да го сториме токму јас и ти, кога сме можеби најповикани токму заради тебе, заради твоите чувства од кои, се надевам, како Кузмановата Марија до гроба, нема тука што, судбината ти го определила тоа, и ти ќе си го носиш тој крст, тој трнов венец, со себе, тој печат во себе до крај.

КАЛИОПА: Чувствата се едно, разумот е друго. Во мојов случај мораат чувствата да му отстапат место на разумот, драга Анти.

АНТИГОНА: Е, не те разбирам, пак, драга Кали. Ти, најслободоумниот ѕидар на нашиот универзитет во исповедање на слободни, независни од никого и од ништо чувства и мисли, неконтролирана во своите исповедања на идеи, иден асистент, доцент, професор на Атинскиот универзитет, необична во постапките и во ширењето на идеите на Француската револуција, општа надеж на прогресистите, студенти или демократи, во новата начната надеж на современата присутна филозофија, а притоа слатка и особено привлекателна, да застанеш на пол пат, да ги оставиш сите во калта на сред пат, право да ти кажам длабоко ме разочаруваш и ме тераш да си го менам мислењето за тебе, како што го има, го има менато мислењето и господин Григор Прличев од Охрид, славен поет, автор на искрена песна, но не за тебе скроена, драга Калиопа. Друго си ти, друго е Марија, по сè изгледа, како ја замислил тој во својата глава и во своето срце, носејќи ја како калуѓерка в расо во својата литературна работа.

КАЛИОПА: Добога имај милост, драга Антигона.

АНТИГОНА: Нема веќе, ни Анти, ни Кали, ни Гони, ни Мони, отсега наваму, зашто по сè изгледа дека јас ќе треба да ја преземам твојата улога. Добро што ми кажа на време, зашто идеалите на признаваат сентименталност, ти го проповедаше тоа во слободните часови во кулоарите и аулите на универзитетот надвор од професорските катедри и кабинети. (Демонстративно ја напушта Калиопа и си оди.) Слобода, велеше, братство и еднаквост... Сега тоа јас ќе го зборувам.

 

ТРЕТА ПОЈАВА

Насред плоштад студентите националисти, неколку костимирани артисти во зли духови, ѓаволи, сотони на чело со костимираниот исто така Евзонот артист Томас и од класиката и од мрачната средновековна христијанска симболика призраци, пристори, го притуркуваат народот, шетачите, минувачите, не се знае за што, сите се чудат.

ХОРОТ: Над бели весели дни, надвиснаа црни темни облаци. Не е радоста радост, слободата сладост, ако од маката не се види сполука. Не се гулабите гулаби, бели и кротки, ако галиците и гавраните не се црни и вестители на војни, востанија, земјотреси, дувлопламни запалувања, мртви мозоци со жива книга како што е ова овде, или како што ќе се случи можеби она таму...

ЕВЗОНОТ АРТИСТ (фрлајќи го „’О, ’Арматолос“ в оган): Прличе, запали се.

ПРВ СТУДЕНТ НАЦИОНАЛИСТ: „’О, ’Арматолос“ пламни...

ВТОР СТУДЕНТ НАЦИОНАЛИСТ: Нека гори, нека гори, Недаа...

ТРЕТ СТУДЕНТ НАЦИОНАЛИСТ (прифаќајќи го овој приглас, припев): Нека гори, нека гори Кузмаааааан.

ЧЕТВРТ СТУДЕНТ НАЦИОНАЛИСТ: Нека гори, нека гори, Марија.

СИТЕ ЗАЕДНО (нишајќи книги во врзоп за в оган): Нека гори, нека гори, Рекааа...

ЕВЗОНОТ АРТИСТ: Нека гори Галичник, данк; нека гори Стан, данк; нека гори Стајко, данк; нека гори Томе, данк. (Менувајќи го ритамот.) Раде, данк, данк... Нека гори Дрим, данк; нека Малесија, данк; Дебарца, данк, данк, данк... Охридско Езеро...

ПРВ ПРИЗРАК: Нека гори, нека гори...

ВТОР ПРИЗРАК: Што да гори?...

ПРВ ПРИЗРАК: Нека гори...

ВТОР ПРИЗРАК: Цела Атина е на нозе.

ПРВ ПРИЗРАК: Ние ја кренавме...

ПРВ ПРИСТОР: А зошто ја кренавме на нозе?

ВТОР ПРИСТОР: За да го гориме ѓаволот.

ПРВ ПРИСТОР: За да го истераме ѓаволот од еден ненаш дух.

ВТОР ПРИСТОР: О, дали ние не влеговме бездушни на овој начин во душата на ѓаволот, безсрцевни во срцето на ѓаволот.

ПРВ ПРИЗРАК: Ѓаволот е како нас.

ВТОР ПРИЗРАК: Ѓаволот нема душа.

ПРВ ПРИСТОР: Ѓаволот нема срце.

ВТОР ПРИСТОР: Ѓаволот влегува во човекот кој гори книги и кој обезличува поети.

ПРВ ЗОЛ ДУХ: Јас сум ѓаволот што овој пат го одбрав „’О, ’Арматолос“.

ВТОР ЗОЛ ДУХ: Јас сум ѓаволот што го заличувам Прличета прокудувајќи го од Атина.

ПРВ СТУДЕНТ НАЦИОНАЛИСТ: Ти си Томас.

ВТОР СТУДЕНТ НАЦИОНАЛИСТ: Ти си Орфанидис.

ТРЕТ СТУДЕНТ НАЦИОНАЛИСТ: Ти си Вернардакис.

ЧЕТВРТ СТУДЕНТ НАЦИОНАЛИСТ: Јас, јас, јас...

Се носи глас, се носат гласови оддалеку.

ЈАКИМ САПУНЏИЈА (грлесто):

 

„Пискотници се слушаат од Галичник до Река.

Што тешка несреќа ги збра

и мажите и жените, та гласи тажна ека

и навева сал коб и зла?“

 

ЕВЗОНОТ АРТИСТ: Фатете ги, фатете ги. (Им издава наредба на студентите и некои од артистите.)

ПРВ АРТИСТ: Овде донесете ги.

ВТОР АРТИСТ: Ако ни стојат со врзани раце.

ТРЕТ АРТИСТ: Ако не ни бегаат.

ПРВ АРТИСТ (потсмешливо): Зашто и тие имаат нозе.

ВТОР АРТИСТ: И, тоа какви нозе? Ако ни се дадат.

ТРЕТ АРТИСТ: Зашто и тие имаат раце.

СИТЕ ЗАЕДНО: Ако не се бранат.

Мешаница, турканица, народија, џган, толпа.

ПРВ ПЕЧАЛБАР, НО МЛАД: Чујте го, о нашинци, морници да ти полазат, минат, Прличета наш во стихој од „’О, ’Арматолос“, викан „Сердарот“. Кога му бев со понада во спителето, ми препеа делче тој самиот и, јас го научив венчас наизуст. На дванаесет часот на полноќ да ме скорните ќе ви го кажам како откачена пушка со петле –

„Од кротката раја, во нашата клетва се вели,

Гегите храна ќе зберат.

Сал мојата куќа ќе била чествувана, нели?

Клетви ви не се за вера!

 

Со таквите клетви и зборови немој да мамиш!

Света е куќата моја:

со барут и железо полна е; не ќе ја срами

Неда родината своја“.3

 

ВТОР ПЕЧАЛБАР (егзалтирано): Тоа ти било песна за душа да ти се фати, за срце што се лепи... Тоа се викало песна, о Недо, о Татковино, каде сте вие сега, името нека ви е свето, паметта нека ви се слави во век и вјеков, амин. (Длабоко се прекрстува и паѓа на коленици правејќи ритуално метании.)

ЈАКИМ САПУНЏИЈА: Земја што раѓа поети како нашиот Григор никогаш не умира.

ПРВ ЈАКИМИСТ: Да, таа нема умирачка.

ВТОР ПЕЧАЛБАР: Тоа е како она, народ што дава јунаци, бесмртен е.

ПРВ ПЕЧАЛБАР: Да, тој нема никогаш да загине.

СИТЕ ЗАЕДНО (хорски): За народот наш што раѓа вакви ч’да нема никогаш загинвачка.

Примрак е. Се судираат двете групи, тајфи.

 

ЧЕТВРТА ПОЈАВА

Истите до еден антички столб. Распетлани, испокинати, искрвавени, бледи. Григор Прличев на главата има трнов венец. Расжестената толпа, френетично скандира смрт за поетот.

ТОЛПАТА: Распнете го, распнете го.

ПРВ ИЗДВОЕН ГЛАС: Во него е влезен ѓаволот.

ВТОР ИЗДВОЕН ГЛАС: Истерајте му го ѓаволот од срцето.

ЏГАНОТ: Смрт за поетот.

ТОЛПАТА: Каменувајте го.

ПРВ СТУДЕНТ НАЦИОНАЛИСТ: Овде нема камења.

ВТОР СТУДЕНТ НАЦИОНАЛИСТ: Измислете ги.

ТРЕТ СТУДЕНТ НАЦИОНАЛИСТ: Изнајдете ги под дрво, под камен и донесете ги насред Атинскиов плоштад.

ПРВ АРТИСТ: Ама имате фантазија?

ВТОР АРТИСТ: Немате фантазија.

ТРЕТ АРТИСТ: Ископајте од плочников.

ПРВ СТУДЕНТ НАЦИОНАЛИСТ: Со што?

ВТОР СТУДЕНТ НАЦИОНАЛИСТ: Со забите. (Се смее иронично.)

ПРВ СТУДЕНТ НАЦИОНАЛИСТ: Не е за смеење, за жалење е. Туку навистина со што?

ТРЕТ СТУДЕНТ НАЦИОНАЛИСТ: Нема тука со што и како. Кога е во прашање одмаздата, честа ‚ отстапува место на нечеснотијата.

СИТЕ ЗАЕДНО: Копајте со раце, грепчете со нокти.

ТРОЈЦАТА АРТИСТИ (се смеат): Ама е Сизифова, ама е Танталова...

ТОЛПАТА: Распнете го, распнете го, штом не е наш.

ЏГАНОТ: Нека виси на овој столб.

ТОЛПАТА: Само со нозете нагоре.

ЏГАНОТ: Со главата надолу.

ТОЛПАТА: Зошто не е достоен да има смрт како синот божи.

ЏГАНОТ: Но има венец на глава како него.

ТОЛПАТА: Тој е поетски венец, ловоров.

ЏГАНОТ: Не, тој е трнов венец, Христов.

ЕВЗОНОТ АРТИСТ: Нека оди во огнот заедно со книгите, со примероците на „’О, ’Арматолос“.

ТРОЈЦАТА АРТИСТИ (се подбиваат и се потсмевнуваат): Не е подготвен огнот, не е приготвен и за таа работа Томас. И најсетне, остави што е згаснат, туку, тоа беше клада за книги, а не и ломача за поети.

ТОЛПАТА: Тогаш на бесилка нека виси на она дрво таму.

АНТИГОНА: Ужасно. И како помисла грдо. Тамо пред малку седеше Калиопа.

РАНГАВИС: Штета за поетот, до кај дотеравме.

ОРФАНИДИС: Што штета?

РАНГАВИС: Така штета.

ОРФАНИДИС: Ама зошто штета, не разбирам.

РАНГАВИС: За тоа како беше погрешно сфатен.

ОРФАНИДИС: Е, голема штета, сува штета.

ВЕРНАРДАКИС: Ни испишти срцево по него.

РАНГАВИС: Како ќе беше убаво ако беше малку поумен, тој поет, тврдоглав.

ОРФАНИДИС (иронично): Ами ти, како да жалиш колега за тој „колега“. (Покажува со прстот накај Прличев.)

ВЕРНАРДАКИС: Подозрителен е тој, сомнителен уште од првиот час кога отпочна оваа работа та до крај, колега. (Му се обраќа на Орфанидис, а гледа како ќе реагира Рангавис во тој момент, во таа тишина пред бура.)

ОРФАНИДИС: Тој тоа по поетски, по уметнички, по книжевно. Знам јас како се брани тој, стар мајстор сум јас, за откривање таленти во одбрана, како тогаш, така и сега. (Се удира по градите.)

АНТИГОНА: Молчи ти стар вештер, изматуфен, што знаеш ти, што разбираш!? Од сево ова... (Додава, сите се смеат на глас.)

РАНГАВИС: Сепак тој употреби прав збор, макар и без сакање.

ВЕРНАРДАКИС: Тогаш, најдобро решение ќе биде, јас мислам, да го прокудиме од Атина, нека бега оттука.

РАНГАВИС: Тоа би било можеби најубаво решение.

ПРЛИЧЕВ: Јас сум и онака болен од татковинска болест ако сакате да знаете.

ОРФАНИДИС: Само венецов ќе оди в оган. (Му го зема.)

ПРЛИЧЕВ: Не, венецот е мој.

ОРФАНИДИС: Трнлив е, боцлив.

ПРЛИЧЕВ: Нека го, тој ќе ми биде спомен за овој грабеж на души.

ОРФАНИДИС: Сите венци остануваат тука.

ПРЛИЧЕВ (грабајќи го венецот): Не, овој ќе оди таму, во мојата многустрадална Татковина. (Покажува со раката на северозапад, крвари во рацете, изобилно и во телото.)

ОРФАНИДИС (молкнејќи, искрвавен во рацете како и Григор Прличев): Сепак, срам е за нас, овој венец да оди во твојата Татковина. Тој како да е Христов, а не поетски венец.

ПРЛИЧЕВ (гордо и достоинствено): Токму затоа, зашто е таков, венецот е мој! (Го грабнува венецот со сета сила и стрчнува. Тој напред, толпата по него. Се слушаат грмежи, трескоти, секавици, паѓа рофја како дамлата да го удри призорот. Се истура пороен дожд како од крбли.)

 

ЗАВЕСА

 

КРАЈ

 

 

1 Драмата е прв пат објавена во списанието „Културен Живот“ во двобројот ноември-декември 1979-та година.

 

2 Приведените редови се од приреденото издание на „Автобиографијата“ што ја уредил Тодор Димитровски.

3 Приведените стихови од „Сердарот“ се од препевот на Георги Сталев.

gallery/grigorprliche