Изберете драма од менито

 

Славе Ѓорѓо Димоски

 

 

    ДУХОВНИОТ ПОРТРЕТ НА ДИМЧЕ МАЛЕНКО 

 

Денес почитувани гости имаме еден посебен повод за одбележување, а тоа 100 години од раѓањето на нашиот сограѓанин, писателот Димче Маленко. Ретки се и радосни ваквите одбележувања, па затоа сакам во куси црти  (бидејќи ја чувме биграфијата и библиографијата) да го изложам духовниот портрет на Димче Маленко.

Нашиов град вековно давал и дава знаменити личности кои оставаат цврсти траги во културното милје, со што од заборав го оттргнуваат времето што одминало, времето што тече, а со тоа се вградува во времето идно. Едноставно речено: нивното дело го чува и надградува нашиот дух и бит!

И Димче Маленко е еден наш знаменит Охриѓанец. Зад себе можеби не оставил толкаво богато творештво во кванитет, но во квалитет – секако. Основниот знак на неговиот духовен портрет е јазикот, тој јазик кој истовремено е и архаичен и модерен, истовремено е и епски и лирски, ширум ги отвора јазичните пазуви во кои се крие бајковите зборовно азно.

             Се случува во историјата на литературата некои писатели и нивните дела да се стават понастрана, да се подзаборават, од вакви или онкави причини да се премолчат, упорно да се изоставаат од панорамски и други претставувања, или да се одбегнуваат од симпозиумски дискусии, иако (потајно) се знае дека, кон нешто што оставило некаква трага не треба и не смее да се однесува така, бидејќи секое творештво претставува национално богатство и наследство, крунски доказ за едно постоење и векување. Затоа, во духот на познатата аксиома на Булгаков „ракописите не горат“, се јавува времето-фактор кое сè одново безрезервно ќе понуди на препрочит, ќе расветли, ќе ги разбранува матните духовни (и политички) барички и на површина ќе исплива она што некогаш не било забележано или пак (од различни причини) намерно поттурнато од пред очите на  љубопитниот читател..

            Во македонската литература таков пример е охридскиот писател Димче Маленко, кој со својата примерност упорно создаваше автентично уметничко дело, водеше мачни битки за обелоденување на истото, посебно со романот „Вознемирен водосвод“, но неговата беспрекорна достоинственост не дозволи пред никого да потклекне и како што доликува го одживеа дадениот земен живот, а сега, неговото дело, специфично по многу нешта, ги продолжува неговите духовни вредности.

             Како писател, Димче Маленко има специфичен книжевен израз реализиран низ повеќе слоеви, пред сè од лескички и синтаксички карактер, а после од наратолошки, но сите тие во цврсто единство го изразуваат оригиналното кај овој автор. Но за жал, во  македонската литературна критика и теорија досега овие одлики воопшто не биле предмет на проучување и со тоа неоправдано му е одземено заслуженото место во вредносниот  книжевен ранг.

            Но без оглед на  вонлитературните премежина што го следеа ова оригинално дело, Маленко пресликува една својствена претства за едно време, за еден народ и за еден крај, со што ја поминал сопствената судбоносна охридска патека оставајќи ги трајно духовните стапки врз нејзината осветена прав и со тоа Охрид зазема доминантно место во неговото творештво од територијална гледна точка, но највеќе од јазична. Во литературата познати се такви автори и авторитети кои на  своето родно место, на својот микрокосмос им дале универзален белег и ги внесле во глоболната литературна мапа. Само да ги споменеме авторите од нашата близина, Иво Андриќ, кој се пробиваше низ своите литературни вишеградски патила или, уште поблискиот, врањанецот Бора Станковиќ, душата на старото и носталгично Врање.

            Со збирката песни „Мачници“, двата романа „Слободољубните човекољупци“ и „Вознемирен водосвод“, збирката новели „Паркот на Јоновци“ и петте драми, Димче Маленко се вбројува во основоположниците на македонската современа лоитература и од тој факт не може да побегне ни еден македонски литературозналец или историчар на литературата, без разлика како македонската книжевна совест денес се однесува кон неговото дело.

Неговото дело е разновидно, почнув од поезиј, проза, драма, преку научно-педагоши трудови да заврши со фолклористика и тоа проучувајќи го охридскиот староградски фолклор со што од заборав ги вади легендите или поточно анегдотите како настанале некои охридски песни.

Во светот на литературата стапнува со поезија, а прва негова песна зачувана во неговиот архив е „Чун“, напишана 1939 година на охридски говор. Интересен е неговиот поетски старт со оваа песна, бидејќи, покрај лирската скица во првиот катрен, дава една визуелна рефлексија, повеќе симболична, во вториот катрен, сигурно под влијание на тогашната предвоена зовриена младешка крв. „Чунот ќе го измијет / да не је цар и да немат слуги“ – симболичниот завршеток на песната.

Неговата малечка поетска збирка „Мачници“ се појавува дури 1983 година во издателството Македонска книга од Скопје, речиси 4 децении по настанувањето (под насловот на книгата ги има годините кога настанале песните 1939-1944 г.) Значи на едно место го имаме раното творештво на Маленко. Тие песни се пишувани во духот на тоа време, со социјални мотиви низ кои проблеснува бунтовничкиот-револуционерниот-родољубивиот дух, но во нив се провлекува едно извонредно лирско чувство што автентично го ности поднебјето од кое потекнува авторот збогатувајќи го лирскиот интензитет со колоритниот охридски јазик.  Тој архаичен јазик врие во некаков црковнословенски јамб, враќа едно дамнешно време од кое избликнува автентичноста и оригиналноста на стиховите. Тоа сличи како претстава на некој стара пожолтена фотографија, свиткана или поткината на аглите која виси на стари варосани ѕидови од старинска куќа – ако можам вака, фигуративно да ја доближам магијата на оваа мала, но знаментита книга.

Вториот писателски ангажман на Маленко е прозата. Тој ни остави два романа „Слободољубни човекољупци“ и „Вознемирен водосвод“ и една збирка новели „Паркот на Јоновци“

И во прозата Димчета го одликува локалниот јазичен лавиринт, чудните реченици, а посебно именувањето на ликовите – тие претставуваат своевидна естетска креација во која до израз доаѓа разиграната ритмика, толку карактеристична за јазикот во народните приказни: Љубен Љубин – своевиден пандан на авторот, Даре Јаре,  Вера Петера и ред други ликови кои ја одбележуваат специфичноста на димчемаленковиот прозен свет. Двата романа имаа автобиографска референца, дејствијата се врзани околу буринте настани во очи на Втората светска војна и првата година од неа. Доста уверливо и со некој заумен јазик е претставено тоа време, а главниот лик патиштата го водат од Белград преку Македонија и Охрид до партизанувањето по нашите гори, додека пак новелистичката зборка „Паркот на Јоновци го слика животот и животните проблеми во еден подолг временски период во Охрид. Преку различни сплетки дава уверлива слика на охридскиот менталитет, специфичен по многу нешта, на животот во ова езерско гратче кој минува низ различни ветрометини. Вистинска фреска на Охрид.

            Димче Маленко уште за својот живот бил познат и како драмски писател, четири драми биле публикувани во списанието „Културен живот“.

            При читањето на неговите драми се соочуваме со еден култивиран драмски говор, со култивирана драмска структура и со возбудливи драмски пресврти, било тоа да се од историски карактер, било тоа да се од секојдневниот живот, исполнет со трагикомични ујдурми. Неговото драмско писмо е уверливо, природно ширејќи ги реалистичките лепези на ситуациите кои му се предмет на опсервација. Маленко има посебен агол на гледање од кој ја открива реалистичката стварност, дури и кога ни предочува фиктивни ситуации, настани и ликови. Во драмите кои се градени врз историски теми (темели или корења) се открива една перцепција на строга уверливост, строга вистина во градењето на историската биографија на ликовите (но и на настаните) иако, често тие се симболизирани („Прокуденик“, „Рани раскапи“)

             Драмско творештво на Маленко според содржините може да се групира во две групи:

            а)  „Самуил“,  „Прокуденик“ и  „Рани рскапи“ ја претсавуваат првата група драми со историска позадина и со ликови од македонската историја;

            б)  „Унер“ и „Лути сме или луѓе сме“ ја сочинуваат втората група во која до израз доага македонскиот бит, менталитет и хумор, но и обид преку комично-сатиричен приказ да се проникне во секојдневната ставрност карактеристична за времето на минатиот општествен систем.

            „Самуил“ е историска драма, која, остварена во пет дејствија фрла кроки-сенка на самуиловото цартво од создавањето, доминацијата  сè до фаталниот крај на македонскиот цар. Драмските комфликти главно се водат околу семејните пресметки, борба за превласт; во неа до израз доагаат верноста, љубовта, предавството, и поразот, колективен и личен, во склоп на историските околности и судбини, додека пак  „Прокуденик“ е евидентна е лирската изразеност, таа е драма со лирско-трагичен набој, во која Димче Маленко ја расветлува трагиката, но и гордоста и достоинството на големиот охридски поет од времето на македонскиот романтизам, гордиот осаменик и бескомпромисен борец против грчкото духовенство, Григор Прличев. И уште една драма, „„Рани раскапи“ е остварена врз историски фон, а овојпат историската позадина е востаничката 1903 година.

                Драмскот опус Маленко го завршува со две драми тематско-содржински дијаметрално спротивни од претходните три: едночинката:  „Унер“  и комедијата во три дејствија „Лути сме или луѓе сме“.

            „Унер“ е мала шегобијна игра од македонското секојдневие, остварена врз фолклорен фон, полна со досетки - во секој случај мала драмска игра за забава, додека пак дејствието во комедијата „Лути сме или луѓе сме“  се случува во едно мало крајезерско хотелче, пред налетот на туристичката сезона, во времето на длабокиот социјализам и авторот карикатурално ги исцртува ликовите карактериистични за тоа време.

На крајот збор-два ќе кажам и за неговата активност во врска со фолклорот. Неговите трудови од оваа област се објавени во книгата „Охридската народна песна и приказна“ која во 1989 г. ја објави Завод за заштите на спомениците на културата и Народен музеј од Охрид. Во неа се поместени десет трудови од кои осум се посветени на охридската староградска песна а два на охридската приказна. Значајно за оваа книга е фактот што Димче Маленко, пројавен како фолклорист, се труди, односно е во потрага да го најде коренот на настанокот на некои охридски трубадурски песни. Тој тоа многу убаво го расјаснува во кусиот вовед на книгата „Како настанале некои охридски лирски народни песни“. Занимлива е генезата на песните за Деспина, за Џоџета, Фанче, Катуша, за Осам-бегот итн. То се куси есеи, често лирски интонирани, но полни со податоци кои го отсликуваат градскиот живот од 18 век, а градот Охрид го оттргнуваат од зачмаениот Балкан на едно повисоко духовно ниво.

            Ова е мал обид да се претстави духовниот портрет на Димче Маленко; дугиот дел им го оставам на читателите да го разбудат своето љубопитсво и да се навратат на овој наш знаменит охриѓанец, бидејќи во неговото творештво, не ќе се соочат само  со содржините кои ги нуди, но со нешто уште поголемо, со јазикот, обичаите и битот на ова наше бисерно гратче. Го повикувам читателот  да се наврати на овој, по многу нешта специфичен писател и да му го најде вистинското место во нашата литература, бидејќи целокупното негово дело е достојно за почит и за (пре)прочит.

          

______

           *Кога ми беше понудено да кажам неколку зборови за стогодишнината од раѓањето на Димче Маленко ми се наметнаа грст сеќавања од времето кога во редакцијата на списанието со чудесна судбина „Спизалит“ често нè посетуваше и онака, господински, безрезервно ги подрдржуваше нашите напори и активности врз кои „некои фактори“ постојано атакуваа сè додека не успеаа да го згаснат нашиот независен пламен. Бескрајно веруваше во нашате заложби и во нашата возбудлива стварност. Си ја знаеше својата вредност и достоинствено се слеа во тогашниот наш бунтовен порив и со него пулсираше до крајот на својот живот. Тие беа неговите човечки димензии.