ДИМЧЕ МАЛЕНКО

1919 - 1990

gallery/img_4605

 

БИОГРАФСКИ ПОДАТОЦИ

       Писателот Димче Маленко е роден во Охрид на 21-ви септември 1919-та година. Осмолетка завршил во Охрид. Петгодишна Машка учителска школа завршил во Белград 1938 година. До 1941-ва година студирал Педагошка група предмети на Филозофскиот факултет во Скопје, (зaпишувајки VI-ти семестар). Активен учесник  во НОБ е од 1941-ва година. За тоа време категорички откажал да му служи на окупаторот. За време на војната дејствувал во позадина и како партизан. По ослободувањето бил раководител во просветата и културата во Охрид или на професорска должност, кога вонредно завршува и Филозофски факултет-група Македонски јазик со книжевност, во Скопје. Во 1965-та година е пензиониран како учесник во НОБ. За сето време живее и работи во Охрид. Член на Друштвото на писатели на Македонија е од 1971-ва година.

       Почина во Охрид во 1990-та година.

БИБЛИОГРАФСКИ ПОДАТОЦИ

       Првично Маленко пишува поезија. Во периодот 1939-1944-та година настанала збирката поезија „МАЧНИЦИ“ но, успева да ја објави дури во 1983-та година. Во списанието „Културен живот“ ги објавил драмите „САМУИЛ“ (1969-та година); „ПРОКУДЕНИК“(1972-ра година); „РАНИ РАСКАПИ“ (1987-ма година) и едночинката „УНЕР“ (1976-та година).

       Меѓутоа, Димче Маленко превасходно  е романсиер и раскажувач. Во таа своја жанрова определеност го објавил романот од НОБ „СЛОБОДОЉУБИВИ ЧОВЕКОЉУПЦИ“ („Наша книга -Скопје“ 1972); Збирката новели „Паркот на Јоновци“ („Мисла - Скопје“ 1973); Објавувал раскази во македонската периодика, меѓу кои „Огнено раѓање на слободата“, „Ојлуле“, „Астар“ и други. Постхумно во 1994-та година е објавен романот „Вознемирен водосвод“.

       Пишува оценки, белешки од литературна критика, есеистика и фолклористика, та последното издадено дело за време на животот му е „Охридската народна песна и приказна“ („Радио Охрид“ 1989-та година). 

       Димче Маленко е и значаен општествен и културен деец. Бил учесник или директен иницијатор за создавањето на бројни манифестации како „Охридско лето“, „Струшки вечери на поезијата“, „Прличеви беседи“, како и на неколку културни институции во Охрид - Библиотеката „Григор Прличев“, народниот универзитет „Кузман Шапкарев“ , охридскиот театар од педесеттите и други. Целиот свој животен век го посветил на подигање на културното живеење во Охрид и Македонија, подигање на нивото и богатството на македонскиот литературен јазик, чиј добар познавач беше, што може да се забележи со читањето на неговите дела.